недела, 24 ноември 2024

Дурмиши за Економско социјалниот совет: Не може само да растат платите, а да нема продуктивност

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, се осврна на приоритетите на Економско социјалниот совет, конституиран минатата недела. Како претставник на Владата и претседавач на ЕСС, Дурмиши најавува дека  преку ЕСС, во дијалог со синдикатите и работодавачите започнат е процес кој ќе води кон сигурна и стабилна економија.

Објавено на

часот

Сподели

„ Минатата недела се одржа првата конститутивна седница на Економско социјалниот совет во кој освен синдикатите и работодавачите, претставници од Владата сме јас, како министер за економија и труд кој ќе претседавам со ЕСС, министерката за финансии, министерот за социјална работа, демографија и млади и министерката за образование. За нас од клучно значење транспарентен социјален дијалог. Економско социјалниот совет е трипартитно тело на национално ниво преку кое ние во наредниот период ќе го водиме социјалниот дијалог. На првиот конститутивен состанок ги слушнавме барањата и на работодавачите и барањата на синдикатите кои во наредниот период очекувам дека ќе дојдат до нас како официјални барања кои ќе ги разгледуваме заедно со моите колеги во Владата на некоја од следните седници“, вели министерот Дурмиши за поставеноста и првите разговори во ЕСС.

Според Дурмиши, уште на почетокот на работата на ЕСС , претставниците на Владата се соочиле од една страна се барањата на синдикатите за поголема минималната плата, која согласно Законот за минимална плата треба да се зголеми во март наредната година, но од друга страна тука се и проблемите со кои се соочуваат работодавачите – со недостаток на квалитетен и стручен кадар како и продуктивност на работниците.

„За нас како главна стратешка определба е подобрување на перформансите на економијата, Не може од една страна да растат платите на работниците, а од друга страна да нема продуктивност. За нас клучно е овие проблеми да ги решиме заеднички, преку социјален дијалог. Само на тој начин може да изградиме добра и стабилна економија. Ако немаме добра и стабилна економија, тогаш не можеме да зборуваме за напредок на државата“, смета министерот за економија и труд.

Бесар Дурмиши порачува дека „затоа преку ЕСС, во дијалог со синдикатите и работодавачите ќе започнеме процес кој ќе води кон сигурна и стабилна економија“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ