среда, 30 октомври 2024

Државниот врв согласен дека Извештајот на ЕК е реална слика на состојбите во државата

Премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова се едногласни во оценката дека Извештајот на Европската Комисија (ЕК) што беше претставен денеска во Брисел, Белгија, а попладнево им беше предаден од евроамбасадарот во земјава, Михалис Рокас е реална слика за состојбите во државата.

 

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот Мицкоски вели дека човек мора реално да им пристапи на работите и реално да разговара за заедничките предизвици кои ни престојат како држава.

„И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет, а тоа е борбата против корупцијата. Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите, за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Она што ме охрабрува е што и во овој кус период на новата Влада, Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не беше случај во минатиот извештај“, изјави Мицкоски.

Како и претходните години, рече премиерот, најголемите слабости повторно се детектираат во кластерот 1 – темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација.

„Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење. Нѐ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде проблемите и слабостите на системот се најголеми. За тоа ни е потребен ангажман од сите нивоа на власт – извршната, но и законодавната и судската, како и од нашата администрација, и останатите чинители во општеството – приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница…“, смета Мицкоски.

Тој увеува дека нема отстапување од реформите, „бидејќи тоа е единствениот начин за да го подобриме животот на нашите граѓани и да го зајакнеме македонското досие на патот кон членство во ЕУ“.

„Не само заради технократско исполнување на условите, туку заради суштествено помрднување напред и европска трансформација во вистинска смисла на зборот. Тоа е наша обврска за обезбедување подобра сегашност на сите нас и подобра иднина за следните генерации. Знам дека граѓаните се уморни од целиот процес, и дека неоправдано сме во чекалницата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија“, нагласи Мицксоки на прес конференцијата по примањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија.

И претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предал Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава за 2024 година.

Од кабинетот на претседателката соопштија дека таа оценила дека извештајот претставува објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети и областите во кои е неопходен натамошен напредок и изрази надеж дека дава избалансирана оценка на севкупните достигнувања на земјата.

На средбата, претседателката истакнала дека македонските институции ќе посветат внимание на препораките и насоките од извештајот, додавајќи дека во моментов со сите капацитети се фокусираат на доследно спроведување на реформите во клучните области, на економско закрепнување и справување со корупцијата.

Таа го поздравила Планот за раст потенцирајќи дека од суштинско значење е да се покаже неговата ефективност преку забрзување на реформите, искористување на целосниот потенцијал и максимизирање на придобивките за нашите граѓани и економија, што ќе влијае на ублажување на разочарувањата доживеани во текот на долгиот процес.

„На средбата со амбасадорот Рокас, претседателката изрази очекување дека новиот пристап на постепена, фазна интеграција ќе продолжи паралелно со процесот на пристапување, што ќе придонесе за поголема вклученост на земјата во процесите, политиките и програмите на ЕУ и  ќе помогне за зголемување на севкупната подготвеност и поефикасно преземање на обврските од идното членство“, се наведува во соопштението.

Таа ја посочила и важноста од објективна евалуација на спроведувањето на реформската агенда и забрзување на македонските евроинтеграции врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми.

Претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека полноправното членство во ЕУ е стратешка цел и, како што пишува во соопштението, „не гледаме друга алтернатива“. Ја нагласила важноста од фер процес на пристапувањето во ЕУ, во кој ќе се почитува националната гордост и националниот идентитет на македонските граѓани.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ