понеделник, 21 октомври 2024

Државата нема доволно пропишани услови за експлоатација на минералните суровини, утврди ДЗР

На национално ниво не е донесена долгорочна стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини повеќе од 11 години, а активностите за нејзино изготвување се започнати во 2022 година, со рок на донесување до април 2024 година. Законите често се менуваат, а одредени одредби не се доволно јасни и прецизни што создава несигурност при нивна примена, констатирал Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот Ревизорски извештај за “Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“ што беше објавен денеска.

Објавено на

часот

Сподели

Ревизорите утврдиле дека базите на податоци на Министерството за економија и катастарот на минерални суровини што го води Геолошки завод не обезбедуваат јасен и целосен преглед на состојбите со минералните суровини врз основа на кој ќе се вршат анализи со цел водење активна политика во однос на оптималното искористување на минералните суровини.

„Слабости во постапката при доделувањето на концесиите за експлоатација на минералните суровини од аспект на непропишани услови за докажување на техничка способност на понудувачите, поништување на постапката од страна на доделувачот на концесија, избор на новоформирани концесионери кои не доставиле доказ за докажување на нивната економско финансиска состојба, како и непрецизно уредени договорни обврски со концесионерите кои не обезбедуваат правна заштита на доделувачот на концесија во случај на нивно непочитување“, утврдиле ревизорите во извештајот.

Од Државниот завод за ревизија (ДЗР) велат дека системот на плаќање на концесиските надоместоци се спроведува без да биде уреден начинот на меѓусебна комуникација и размена на податоците помеѓу надлежните институции и без јасно дефинирање на меѓусебните односи и надлежности, што создава слабости во непречено и целосно следење на плаќањето и преземање на навремени мерки и активности за наплата на ненаплатените надоместоци од страна на концесионерите.

„Висината на надоместоците за користење на простор кои се определени во државата е утврдена на ниско ниво, а воспоставениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатирани количини не ги одразува реалните пазарни/продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и истиот не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите. Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 1,7 милиони евра за период од 2018 – 2022 година претставуваат 1 отсто од остварените приходи од продажба на концесионерот“, утврдиле ревизорите.

За периодот 2018 – 2022 година, констатирани се помалку наплатени концесиски надоместоци во вкупен износ од 341 илјади евра од кои, 9.804 илјади денари по основ на простор, 5.421 илјади денари по основ на експлоатирана минерална суровина и во износ од 5.825 илјади денари по основ на пресметана, а ненаплатена камата и ненаплатен надоместок по записници од УЈП.

„За истиот период, ненавремено, односно по истекување на законски утврдениот рок наплатени се вкупно 19 милиони евра по основ на концесиски надоместок за простор и експлоатирана количина на минерални суровини. Во периодот на известување од ревизијата од вкупниот износ уплатени се 8.392 илјади денари за концесиски надоместоци и камата, а по основ на дадените препораки од претходната ревизија наплатена е камата во вкупен износ од 6.136 илјади денари која се однесува за периодот 2016-2022 година, што претставува додадена вредност во остварување на буџетски приходи“, пишува во извештајот на ДЗР.

Користените рударски техники за добивање на корисна маса и отсуството на мерки за реупотреба на јаловината имаат влијание врз степенот на искористеност на минералните суровини, како и зголемено производство на јаловина со кои се создаваат негативни ефекти врз животната средина, констатирале ревизорите.

Тие уште констатирале дека со извршеното аерофотограметриско снимање од страна на геодет кај 2 концесии утврдиле ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат концесионерите на вкупен простор од 9.989 метри квадратни, што според рзвиаорите, создава ризик концесионерите да не го пресметуваат и плаќаат надоместокот за експлоатираните количини надвор од експлоатационото поле.

„Инспекцискиот надзор над експлоатацијата на минералните суровини е без целосна примена на методологијата за проценка на ризици при избор на субјекти на надзор, нецелосно извршени контролни надзори за отстранување на неправилности, без потврдување на експлоатираните количини на мермер, како и во услови на недостаток на стручни човечки ресурси и опрема не обезбедува ефикасен контролен механизам. Недостигот на инспекциски надзор врз донесените планови за управување со отпад создава ризик врз намалување на негативните ефекти и штетните влијанија врз животната средина“, велат од ДЗР.

За надминување на констатираните неправилности, ДЗР до надлежните институции издал препораки кои треба да обезбедат подобрување на состојбите во делот на правната и стратешката рамка на системот за управување со процесот на доделување и одземање на правото за експлоатација на минерални суровини, функционалноста и ефективноста на постапките за доделување/одземање на концесиите за минералните суровини, наплатата на концесиските надоместоци и воспоставениот механизам за надзор и контрола над работењето на концесионерите, а со цел оптимално искористување на минералните суровини согласно начелата на одржлив развој.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ