вторник, 23 јули 2024

Државата може да ги запре штетите врз природата кои се прават во Маврово, порачуваат од Еко-свест

Објавено на

часот

Сподели

За разлика од финансиските последици кои треба прецизно да се утврдат, она што досега добро се познати последиците по животната средина, екосистемот и заедниците кои живеат во заштитеното подрачјe се дека пределите, природата и луѓето трпат од намаленото ниво на водата и од градежните активности со кои се градеа централите, при што се пробиваа патишта во длабоките шуми и се градеше во недопрена природа. На овој начин се доведуваат во опасност самите вредности поради кои Маврово е национален парк, изјави Ѓорѓи Митревски, раководител на програмата за заштита на водите на Еко-свест.

За да не се повторуваат овие грешки, како што рече, во анализа се предлага измена и дополнување на законите за животна средина, за природата и за водите со интервенции со кои ќе се осигура дека нема повеќе да се доделуваат концесии за изградба на малите хидроцентрали и слични проекти во рамки на заштитени подрачја.

Како што велат од Еко-свест, анализата на целокупната легислатива која ги регулира и допира издавањето на концесии за изградба на мали хидроцентрали која ја изработи проф. д-р Игор Камбовски утврди дека штетата е направена уште многу порано пред да бидат издадени дозволите и потпишани договорите за трите централи на реките Рибничка и Жировница кои течат во националниот парк. 

„Штетата се состои во тоа што законодавството не предвидува никакви посебни услови или забрана за изградба на вакви капацитети во заштитени подрачја. Поточно, дали се бара концесија за хидроцентрала во национален парк или на било кое друго место во државата, постапката и условите се исти иако последиците по животната средина се многу различни“, велат од Еко-свест.

„Доколку државата планира да остане доследна на Бернската конвенција која ја потпишала и е меѓународен правно обврзувачки инструмент и на нејзините препораки за Македонија, треба да ги суспендира и откаже одобрените концесии, како и оние планирани за изградба и да спроведе забрана за хидроцентрали (големи, средни и мали) во национални паркови, заштитени подрачја, локалитети со статус на светско наследство и други кандидати за Емералд локалитети (потенцијални идни Натура 2000 локалитети). Тоа значи дека во претстојниот период овие концесии ќе треба да се повлечат“, посочуваат од Еко-свест.

Според проф. Камбовски постојат три сценарија како ова може да се спроведе – спогодбено раскинување; еднострано раскинување на договорот доколку е утврдено дека концесионерот не се придржувал до обврските од договорот или со инспекциски надзор е утврдена битна повреда на обврските од концесионерот; и носење на закон за репрогласување на НП Маврово за национален парк во кој ќе се испочитуваат препораките од Бернската конвенција.

„Трите сценарија на поништување на издадените концесии може да предизвикаат различни правни и финансиски последици за државата почнувајќи од трошоци за враќање на надоместоците за концесија па сѐ до правни спорови за надомест на штета и неостварена добивка со кои може да се блокираат и други процеси како репрогласувањето на Маврово за национален парк кое и така доцни веќе осум години. Затоа од големо значење за сите сценарија е да се утврди во која мера концесионерите на постојните централи се придржувале до договорите и законските ограничувања во однос на заштита на природата. Токму доцнењето на носењето на законот за Национален парк – Маврово веќе подолго време ги подгрева сомнежите дека бизнисот со малите хидроцентрали е дел од причините зошто толку години ова подрачје не е повторно прогласено за национален парк и нема нови план за управување“, истакнуваат од Еко-свест.

Во правната анализа, како што велат, се подвлекува дека е важно да се земе предвид и дека висината на повластена тарифа според која просечната цена по која е загарантиран откупот на електричната енергија која ја произведуваат малите хидроцентрали изнесува околу 81 евра, што по сегашните пазарни услови е далеку под пазарната цена. 

„Тоа може да биде аргумент плус во преговарачката позиција на Владата“, посочуваат од Еко-свест.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ