петок, 15 ноември 2024

Драстичен скок на бројот на заболени од сипаници во светот бидејќи луѓето сè помалку ги вакцинираат децата

Случаите на сипаници се зголемија за 20 отсто минатата година, поттикнати од недоволната вакцинација во најсиромашните земји во светот и оние погодени од конфликти, соопштија Светската здравствена организација (СЗО) и Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Речиси половина од сите големи и разорни епидемии се случиле во африканскиот регион, каде што бројот на смртни случаи се зголемил за 37 отсто, соопштија СЗО и ЦДЦ.

„Секоја земја во светот во моментов има пристап до вакцина против морбили, така што нема причина ниту едно дете да биде заразено со оваа болест и ниту едно дете да умре од сипаници“, изјави за новинарите Наташа Кроукрофт, виш технички советник на СЗО за мали сипаници и рубеола.

Малите сипаници се предизвикани од вирус кој се пренесува преку воздух и најмногу ги погодува децата помлади од пет години, но може да се спречи со две дози од вакцината против мали сипаници. Сепак, покриеноста со имунизација „не е соодветна“ на глобално ниво, според СЗО и ЦДЦ.

Околу 10,3 милиони случаи на високо заразна инфекција беа потврдени во 2023 година, во однос на 8,65 милиони претходната година, покажа извештајот на двете агенции објавен во четвртокот.

Новите податоци покажуваат дека околу 107.500 лица, главно деца помлади од 5 години, починале поради сипаници во 2023 година. Ова мало намалување на смртните случаи главно се должи на тоа што порастот на случаите е во земји и региони каде што децата со мали сипаници имаат помала веројатност да умрат, поради подобриот нутритивен статус и пристапот до здравствени услуги.

Без разлика на падот, бројот на мртви е „неприфатлив“, посочуваат агенциите. „Најголемата и најтешката“ причина за порастот на случаите е неуспехот на системите да допрат и да ги вакцинираат децата, рече Кроукрофт. Неподготвеноста за вакцинација исто така одигра своја улога.

Таа неподготвеност е во пораст од пандемијата „ковид-19“, бидејќи луѓето ја изгубија довербата во важноста на рутинското вакцинирање на децата против болести како што се мали сипаници и детска парализа. Повеќе од 22 милиони деца не ја примиле првата доза од вакцината против морбили во 2023 година, објавија агенциите.

Истата година, разорни епидемии на мали сипаници беа пријавени во 57 земји поради недоволна вакцинација, што е скок од речиси 60 отсто во однос на 36 земји во 2022 година, се вели во извештајот.

Покрај во африканскиот регион, значителен пораст на случаите е забележан и во Источниот Медитеран, Европа, Југоисточна Азија и Западниот Пацифик, се вели во извештајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ