среда, 11 декември 2024

Њујорк поради метежот ќе наплаќа 9 долари за возење низ Менхетен

Со цел да се намали метежот, Њујорк планира од јануари да воведе такса од девет долари за возење низ Менхетен, чија примена државата ја суспендираше на почетокот на годинава на неопределен период, изјави синоќа гувернерката на Њујорк, Кети Хочул.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Програмата за наплата на такса поради метеж во Њујорк, прва од ваков вид во Соединетите Држави, првично предвидуваше наплата на патарина од 15 долари во текот на денот за патничките возила што возат низ Менхетен јужно од 60-та улица, почнувајќи од 30 јуни. Лондон воведе слична такса во 2003 година. Меѓутоа, непосредно пред тој датум, Хочул го стави планот во мирување на неодредено време, наведувајќи ја високата инфлација и желбата да не ги обесхрабри патниците и туристите.

Но, Њујорк сега брза да ја воведе таксата пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата. Трамп во четвртокот рече дека воопшто не се согласува со одлуката за наметнување на таксата. „Тоа ќе го стави Њујорк во неповолна положба во однос на конкурентските градови и држави, а бизнисите ќе побегнат“, рече тој.

Хочул рече дека новата основна такса за патничките возила ќе биде 9 долари, 40 отсто помалку од првично објавеното. Таа рече дека патарината е клучна за новите инвестиции во метрото и автобусите во Њујорк и ќе се поддржат 15 милијарди долари долг во инвестициите за подобрувања на јавниот транспорт.

Камионите и автобусите ќе плаќаат до 21,60 долари такса, а ќе има и попусти од 75 отсто за ноќно возење. Надоместокот ќе се наплаќа еднаш дневно од сопствениците на автомобили без оглед на бројот на возења, додека такси возилата ќе плаќаат 75 центи по возење во областа Менхетен, а возилата на Убер или Лифт кои се резервирани преку апликација ќе плаќаат 1,50 долари.

МТА, која е одговорна за метрото, автобусите и приградската железница во Њујорк, кој го користат шест милиони луѓе секој ден, проценува дека воведувањето на таксата би можело да го намали сообраќајниот метеж за 17 отсто, со што ќе се подобри и квалитетот на воздухот и ќе се зголеми употребата на јавниот транспорт за 1 до 2 проценти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ