сабота, 19 октомври 2024
Миле Ѓорѓијоски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Драг мој земјаче Фатмир Дехари!

Драг мој земјаче, на моето, а се надевам и твое Кичево, не му е потребен градоначалник Албанец, Македонец, Турчин... туку градоначалник кој за време на својот мандат ќе заборави дека е Албанец, Македонец, Турчин, Ром... и ќе работи за доброто на сите.
Колку и да си Голем Албанец, ти добро знаеш дека сите ние се раѓаме исти, па никој, дури ни ти, со твоите два градоначалнички мандати, не можеш во породилното во моето и твое Кичево, да погодиш кое новороденче е Македонче, или пак Албанче, Турче, Ромче…
Сите ние, почитуван земјаче, се раѓаме исти, ама за жал, некој ѓавол однатре не ни дава мир и не тера да станеме различни до болка и себеуништување!
Во мое време, завршив гимназија 1975/76, Кичево не беше ни македонски, ни албански, ниту турски… туку град на сите што живеевме таму, без разлика дали сме биле родени во Кичево или сме дошле таму. Тоа беа убави времиња земјаче. Тоа беа времиња кога јас и моите другари одевме на Бајрам во Колари, Зајас, Мамудовци, а нашите другари, доаѓаа кај нас за Велигден и други празници. И да ти се пофалам, мојот школски Хасан Салиу, секој ден ме учеше по некој албански збор. Ни јас се срамев од тоа, а ниту тој се гордееше со тоа. За нас тоа беше нормално. Мојот комшија, чичко Раде, Бог да го прости, поради службата во Зајас перфектно го зборуваше албанскиот јазик, и нас ни беше тоа сосема нормално.
Да беше ти градоначалник во тоа време во Кичево, ниту ти ќе се фалеше дека си првиот градоначалник Албанец во Кичево, ниту на некој ќе му сметаше твојата национална припадност. Дури и да се пофалеше дека си прв градоначални Албанец на Кичево, никој немаше да те разбере што сакаш да кажеш со тоа. Во тоа време на видни позиции во градот, а подоцна и Република Македонија беа Есад Имери, Даут Мехмеди, академик Петар Илиевски, Томе Буклевски… а сите ние, без разлика од која националност сме, се гордеевме со нив.
Во Напредок рамо до рамо игра Насуф Пурелку, Милаим Демири, Ирфан Шејдоски, Кочо Зердески, Фрањо Павичиќ, Мики Лазаревски, Перо Трајковски…
Тогаш мој драг земјаче, имаше Живот за Сите, без разлика на вера и нација.
Лично мене, не ми пречеше што во вториот круг посака да го победиш доктор Александар Јовановски, твојот противкандидат. Мене ми пречеше што велеше дека сакаш да го победиш, не затоа што ти е противкандидат, туку затоа што е Македонец, и тоа ти е главниот адут и мотив за победа. Многу ми пречи што од твоите гласачи бараше масовно да излезат на избори за да не дозволат власта во Кичево повторно да падне во рацете на клетите Македонци. Таа игра е многу опасна, и може да биде катастрофална за градот, па и пошироко. Тоа не е ни фер, ниту витешка борба, ниту таквата победа има некаква тежина. Тоа го урива сето она што со години го граделе нашите прадедовци, дедовци татковци, јас, Милаим, Славе, Хасан, Љупчо, Дрита, Весна…
Таква победа, во која учествуваа и десетици и десетици авиони со наши земјаци, кои веќе заборавиле каде е Кичево, а веднаш потоа си се вратија онаму кај што се свои на своето. И повторно ќе дојдат во градот ако некој како тебе ги мобилизира за да гласаат. Таквата победа е Пирова. Биди храбар, биди вистински борец. На мегдан да, ама во феролеј борба, без уцени, без поткупи, без национализам и преполни авиони, автобуси и коли со гласачи.
Тогаш сите граѓани од градот под Крушино, ќе се гордеат со тебе и ќе почувствуваат дека конечно дошол Живот за Сите. Такво беше Кичево во мое време. А ти и твојот противкандидат сте должни Кичево да им го вратите на Кичевчани, а не од него да правите град на Албанци, Турци или пак клети Македонци. Кичево е град на Кичевчани, но и на сите оние што вистински го сакаат, без разлика дали живеат таму или не!
Mиле Ѓорѓијоски
(Преземено од фејсбук-профилот на авторот)

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ