четврток, 25 јули 2024

Доневски: Клиничкиот центар треба да биде една функционална установа

Пред да се почне со реформите во здравството, прво неопходно е реално да се претстави состојбата во македонското здравство. Едноставно, треба да ни е јасно од каде почнуваме, предизвиците се огромни, а очекувањата и нетрпението уште поголеми. Клиниките функционираа како засебни единки со години и лично ценам дека овој концепт треба да еволуира, вели во интервју за Експрес доктор Иво Доневски, субспецијалист-трауматолог на Клиника за трауматологија.

Објавено на

часот

Сподели

„Треба да се поедностави работата на клиниките за да биде поефикасна. Концептот за Клинички центар-Скопје, што подразбира фузионирање на клиниките во една функционална установа, ќе овозможи да се постигне оваа цел. Ваквиот начин на функцинирање е познат во светот, сведоци сме на позитивните искуства во многу здравствени системи. Секако, ова е огромен проект, кој се базира на неколку сознанија. Каде, кога, зошто и во кои сегменти системот затајува во давањето здравствена услуга на граѓаните. Кои категории на пациенти треба да добијат подобра грижа. За кои категории ни треба менторство и поддршка од поголеми центри… Во таа смисла, неопходно е фокусот да се насочи и кон поголема пристапност до содветната институција, сериозна техничка проверка и реконструирање на инфраструктурата, подобрување на комуникацијата меѓу институциите и дигитализација, максимално искористување на опциите што ги нуди системот Мој термин, соодветно надополнување на кадровските дефицити како и програми за континуирана медицинска едукација на сите кадри, како на високиот, така и на средниот медицински персонал“, смета д-р Доневски.

Тој вели дека треба да се врати довербата и односот на здравствениот персонал и пациентите.

„Кога еден мој пријател кој живее во една европска земја беше примен во болница поради инфаркт, ми рече: кога влегов во болница и кога ме опкружи медицинскиот персонал, знаев дека ќе биде се во ред. Во моите идеални замисли, вака треба да се чувствува секој пациент кога ќе влезе во новиот Клинички центар-Скопје. Еден од главните протагонисти во една популарна медицинска серија, често повторува: ова е прекрасен ден да се спасат животи. Би сакал вака да се чувствува секој здравствен работник на своето работно место! И пред некој да помисли дека звучам занесено, сакам јасно да изјавам дека сум сосема свесен колку е долг патот до остварувањето на овие идеали. Но, ако ги имаме, ќе работиме за да ги достигнеме“, изјави Доневски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ