сабота, 19 октомври 2024

Докторот се изјасни за виновен за смртта на Метју Пери, „многу се кае“

Еден од двајцата калифорниски лекари што се меѓу петте лица обвинети за смртта на ѕвездата на „Пријатели“, Метју Пери, од предозирање, се изјасни за виновен по обвиненијата за нелегална дистрибуција на кетамин. На д-р Марк Чавез му се заканува казна затвор до 10 години доколку биде прогласен за виновен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Другиот лекар обвинет во случајот, Салвадор Пласенсија, се изјасни за невин, како и Џезвин Санга, за која обвинителите утврдија дека била дилерка позната како „кралица на кетаминот“. На двајцата им е закажано судење во март.

Личниот асистент на Пери, Кенет Ивамаса, кој призна дека му ја вбризгал дрогата на Пери, и посредникот што рече дека го набавил кетаминот од Санга, веќе се изјаснија за виновни.

Обвинителите рекоа дека Пласенсија го купил кетаминот од Чавез, а во пораките до Чавез за сумата што ќе ја побара од Пери за дрогата, тој напишал: „Се прашувам колку ли ќе плати моронов“.

Според судските записи, Пласенсија му го давал кетаминот на Пери и ги обезбедувал дозите што ги инјектирал асистентот.

Пери почина на 54-годишна возраст во октомври 2023 година од кетамин и други фактори, од кои се онесвестил и се удавил во хидромасажна када, според извештајот од обдукцијата во декември 2023 година. Актерот со години зборуваше во јавноста за злоупотребата на дрога дури и додека го играше Чендлер Бинг во популарниот телевизиски ситком „Пријатели“.

Мет Бинингер, адвокатот на Чавез, во август им изјави на новинарите дека неговиот клиент прави сѐ што е во негова моќ да соработува, да помогне во оваа ситуација.

„Многу се кае“, рече Бинингер.

Адвокатот додаде дека каењето на Чавез не е поради тоа што Пери бил славна личност, туку затоа што починал некој што се обидувал да се лекува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ