четврток, 24 октомври 2024

Додик: Република Српска нема ниедна причина да остане во БиХ, чиј систем е неодржлив

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави денес дека РС нема ниедна причина да остане во Босна и Херцеговина, која, како што наведе, е сосема иста и триесет години по војната.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ние немаме ниту една моментална ниту перспективна причина да останеме во БиХ“, кажа Додик за РТРС.

Тој наведе дека РС е неприфатлива за бошњачката политика, додавајќи дека бошњачките политичари секое утро „стануваат со омраза кон РС, па дури потоа ги грее љубовта кон БиХ“.

„Системот во БиХ е таков што вие не можете многу да бирате и тој систем е неодржлив“, кажа Додик.

Тој додаде и дека „странците влијаат на размислувањето на одделни структури во Федерацијата БиХ“.

„Основните примања (на високиот претставник во БиХ) Кристијан Шмит се 24.000 евра, па за одвоен живот уште 8.000 евра, па не плаќа данок на платата и сите останати привилегии, кои ги има вкупно доаѓаат до 40.000. Таква плата нема ниеден висок функционер на Европската Унија“, истакна Додик.

Тој ја обвини американската амбасада во БиХ дека учествува во водењето перманентна хибридна војна против РС, додавајќи дека за тоа „зборуваат последните и апсолутно неточни тврдења“ од таа амбасада дека РС е „наводно пред финансиска пропаст и дека ќе банкротира“.

„Сето тоа е апсолутна лага. РС денес е најмалку задолжена во опкружувањето и ние, на пример, оваа година од сопствени извори вративме 250 милиони конвертибилни марки (околу 128 милиони евра) повеќе, со што ја намаливме задолженоста од 34 на 32 отсто“, кажа Додик.

Тој истакна дека РС „има пари во странство, но дека под притисок на американските фактори, за жал, не може да ги префрли, бидејќи американската амбасада им се закани на банките во РС дека ќе бидат сериозно казнети ако тоа го работат за владата на РС“.

Додаде дека и многу фирми во РС, поради американските санкции, кои ги нарече неоправдани потези на странските фактори насочени против Република Српска, па и неговото семејство, имаат проблеми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ