вторник, 22 октомври 2024

До полноќ треба да биде избрана новата влада, расправата во Собранието продолжува

Во Собранието претпладнево ја продолжи седницата за избор на новата влада, предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Гласањето ќе следува по завршувањето на претресот, најдоцна на полноќ.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници.

Седницата почна вчера со експозе на Мицкоски, а следуваа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и претставници на дипломатскиот кор. Мицкоски ги образложи програмата и предлогот за состав на владата. Најави враќање на довербата во институциите, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, економско заживување, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, градење добри односи со соседите, негување на меѓуетничките односи и посветеност на европските интеграции. На опозицијата ѝ порача дека има подадена рака и дека е подготвен да разговара за сите отворени и важни прашања. Опозицијата, пак, оцени дека програмата на новата влада е далеку од дадените ветувања и дека не може да се предвиди дека ќе го реализира она што го ветува.

Меѓу говорниците беше и лидерот на СДСМ, поранешен премиер и актуелен пратеник, Димитар Ковачевски, според кој, програмата има неконзистентни делови и ставови. Најавите за економијата, оцени Ковачевски, се општи, без конкретни бројки за зголемување на просечната и минималната плата, додека во однос на персоналниот состав на владата, истакна дека „дојде време сегашното владино мнозинство да гласа за оние што до вчера ги напаѓаше“, посочувајќи го како пример Арбен Таравари, кој е предложен за министер за здравство.

Парламентарното мнозинство што се очекува да ја поддржи новата влада во Законодавниот дом се состои од 78 пратеници, 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.

Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Владата ќе има 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски ќе има пет заменици, односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. Во владиниот кабинет, 15 члена се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ