вторник, 22 октомври 2024

ДКСК ќе побара кривичен прогон на градоначалничката на Скопје Арсовска, утврди и неправилности при јавни набавки во неколку институции

Објавено на

часот

Сподели

Државната комисија за спречување на корупција на денешната 89 седница утврди дека Илиевски бил именуван за директор, иако тој не го исполнувал условот претходно да биде вработен во самиот објект.

Како што информираа од ДКСК, извршен бил вонреден инсекциски надзор и според записникот од надзорот бил утврдена неправилност по што инспекторот упатил укажување напомена за отстранување на констатираната неправилност согласно предвидениот законски рок, со напомена дека за сторената повреда на член 34 од Закоот за култура не е определена ниту пропишана прекршочна санкција.

„Инспекторатот утврдил дека претходниот директор Кристијан Стаменов бил разрешен од функцијата, додека две недели подоцна е именуван Драган Илиевски. ДКСК констатира дека пријавата и документите ги содржат потребните акти со кои се утврдува наведената постапка, ваквото постапување на градоначалникот на Град Скопје упатува на преземени активности за именување на лице за вршител на должност на јавна установа спротивно на членот 34 став 1 од Законот за култура што претставува основ за сомневање за сторено кривично дело а тоа е злоупотреба на службената положба и овластување“, појасни претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.

Од Комисијата соопштија дека од нивна страна ќе биде поведена иницијатива до ОЈО за поведување постапка кривично гонење, поради сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, против Данела Арсовска.

Воедно Комисијата ќе достави иницијатива за поведување кривично гонење и за в.д директорот Драган Илиевски, како и препорака до Инспекцискиот совет во врска со непостапувањето на инспекторот кој извршил надзор.

На денешната 89. седница на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) по предметот за набавка на софтверот во Управата за матични книги, беа упатени слабости во постапката за набавка на уреди во вредност од над 11 милиони евра.

„Практично, врз основа на наведеното постои сомневање дека со начинот на кој била спроведена постапката за јавна набавка било доведено во прашање одржувањето на изборите“, велат од ДКСК.

Беше посочено и дека не е исклучена веројатноста дека со техничката спецификација која според Комисијата за заштита на конкуренцијата содржела ограничувачки критериуми, бил фаворизиран избраниот економски оператор.

Од договорниот ангажман на избраниот оператор – правно лице од Германија, и на од него ангажираните подизведувачи, произлегло сомневање дека подизведувачите, кои се домашни правни лица во приватна сопственост, формално презеле голем дел од договорните обврски на изведувачот, при што едниот од нив за извршување на истите ангажирал државна образовна институција и физички лица – државјани на Република Македонија.

„Воедно, индикативно е сомневањето дека еден од подизведувачите уште пред да биде објавен првиот оглас за јавната набавка, вршел активности поврзани со техничка поддршка, истражување на пазар, пронаоѓање на решение за проектот фингер принт за локални избори и пронаоѓање на производители, што упатува на сомневање дека тој подизведувач имал сознанија за активностите кои во тој период во ДИК биле во тек. Поголемиот износ на средства кои од сметките на подизведувачите е пренесен на сметки на физички лица или на поврзани правни лица по уплатата на средства од страна на изведувачот отвора сомневање во однос на целите за кои овие средства понатаму биле искористени“, појаснуват од ДКСК.

Исто така, Комисијата утврди дека не бил извршен и тест на функционалноста на набавениот систем, а врз основа на доставената документација не било стекнато уверување за квалитетот и навременоста на одржаните обуки за ракување со системот како и за усогласеноста на начинот на кој биле спроведени со одредбите од потпишаниот договор.

Според Комисијата овие состојби во предметот укажуваат на сомнеж за сторена штета врз Буџетот преку пропуштање на дејствија, ненавремено постапување, непостапување и злоупотреба на службената положба во корист на трети лица. 

Во врска со изнесени наводи во јавноста за незаконски спроведена јавна набавка на услуги за „дигитализација на матичните книги” од страна на Управата за водење на матични книги, ДКСК утврди дека во двете тендерски постапки не биле предвидени соодветни заштитни мерки со цел да се зачува приватноста односно личните податоци на граѓаните при скенирањето, контролата, управувањето, преносот и обработката на личните податоци од страна на ангажираните економски оператори врз основа на договорите склучени со Управата за водење на матични книги.

Во тендерската документација, било барано економските оператори да достават доказ за валиден сертификат односно доказ дека економските оператори имаат воспоставено систем за управување со безбедност на информации, согласно со барањата на претходно наведениот сертификат.  

„Меѓутоа, дали ваквиот сертификат обезбедува заштита на лични податоци, т.е. заштита на документите кои содржат лични податоци на граѓаните на РСМ. Имено, личните податоци не се класифицирани, за да се бара исполнување на ваков услов. Истите подлежат на висока регулатива за пристап до истите и нивна заштита, согласно со Законот за заштита на личните податоци. Меѓутоа, сепак јавните набавки биле спроведени и при тоа биле избрани економските оператори“, појаснуваат од Комисијата.

Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска оцени дека кај овој предмет постои висок ризик особено со тргување на лични подататоци и изрази надеж дека анализите на комисијата ќе им придонесат на истражителите во постапувањата.

Комисијата го разгледа и предметот во врска со објавите во медиумите за неможноста да се изврши конфискација на имот според правосилна судска пресуда во случајот „Труст“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ