вторник, 22 октомври 2024

Директорот на ФБИ е загрижен за потенцијален сајбер напад: „Кина се подготвува“

Вчера, директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, предупреди дека кинески хакери планираат „да сеат хаос и да предизвикаат вистинска штета во Соединетите Држави“, пренесува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Кинески хакери се подготвуваат да ја искористат нашата инфраструктура за да сеат хаос и да предизвикаат вистинска штета на американските граѓани, ако или кога Кина ќе одлучи дека е време за напад“, рече Вреј пред Комитетот на Претставничкиот дом за Кинеската комунистичка партија.

Драматичниот говор на Вреј покажа колку е загрижен американскиот државен врв поради можноста од хакерски напад. Пред Комитетот вчера зборуваше и шефот на Националната агенција за безбедност (НСА). Вреј тврди дека на мета на хакерите финансирани од Кина се објекти како што се станици за прочистување на вода, електричната инфраструктура, нафтоводите и цевките за природен гас.

Кинеската влада претходно ги негираше наводите за обиди за хакирање. Американските и кинеските власти неодамна се обидоа да ги ублажат тензиите меѓу двете велесили. На состанок во ноември, кинескиот претседател Си Џинпинг му вети на Бајден дека Кина нема да интервенира во американските избори, а истото го повтори и кинескиот министер за надворешни работи викендов. Кога го прашаа за тоа, Вреј рече: „Кина многу ветуваше во изминатите години. Ќе верувам кога ќе видам“.

„Кинеските хакери ги искористуваат најфундаменталните недостатоци во нашата технологија. Ние им олеснивме“, изјави Џен Истерли, шефица на американската агенција за сајбер безбедност и инфраструктура.

„За жал, технологијата што ја штити нашата критична инфраструктура е несигурна бидејќи со децении програмерите не одговараа за грешки во технологијата. Приоритет им беше колку брзо производот ќе стигне на пазарот, а не безбедноста. Ова не прави ранливи на сајбер напади. Мора да го поправиме тоа“, додаде таа.

Американското Министерство за правда и ФБИ се обидуваат да ги спречат кинеските хакери. Тие стравуваат дека хакерски напад би можел да спречи одговор на САД доколку Кина го нападне Тајван. Проблемот за Американците е што Кина има 50 пати повеќе сајбер оперативци од нив.

Вреј заклучи дека Кина не само што ја напаѓа технологијата, туку „ги таргетира нашите слободи, во нашите граници, во Америка, за да ги замолчи, присилува и да им се заканува на нашите граѓани“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ