петок, 19 јули 2024

Деспотовски ќе приговара зошто уредно регистрирани членови не можеле да гласаат

Кандидатот за претседател на СДСМ Јован Деспотовски по затворањето на избирачките места на вонредните внатрепартиски избори упати благодарност до партиските членови кои гласаа на изборите, но искажа и забелешки за одвивањето на истите за кои најави приговори. Тој уште побара од Централната изборна комисија на партијата да даде одговор на прашањето зошто над десет илјади членови кои се регистрирале не излегле да гласаат.

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска, дел од членовите на СДСМ гласаа. СДСМ е единствената партија и во земјава, и во регионот, која има широк модел за избор на претседател. Со тоа треба да ја покаже својата големина и демократски капацитет. Но, тој демократски капацитет денеска, но и во деновите што следат треба да биде докажан и потврден. Од срце им благодарам на сите членови на партијата кои излегоа да гласаат, како и на сите оние кои излегоа, дојдоа на избирачките места, но од различни причини не им беше овозможено да гласаат. Искрено им благодарам на сите оние кои во изминатите неколку недели беа со нас и дадоа своја енергија во градење на еден нов СДСМ“, наведува во пишаната изјава Деспостовски.

Тој пред да даде оценка за изборите, побара од Централната изборна комисија на партијата да даде одговор на прашањето зошто над десет илјади членови кои се регистрирале не излегле да гласаат и зошто на членови кои биле уредно регистрирани, не им било овозможено да гласаат на гласачите места. Деспотовски воедно најави дека неговиот тим утре ќе поднесе приговори за констатираните забелешки.

„На овие две клучни прашања, но и на останатите забелешки кои дојдоа од мрежата контролори низ цела држава, нашиот тим веќе утре ќе поднесе приговори. СДСМ мора многу сериозно да се позанимава и да одговори на овие прашања пред воопшто да се дефинира став во врска со овие избори. Ова, без разлика на исходот од денешното гласање и резултатите кои ги очекуваме во следните два часа“, наведува Деспотовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ