вторник, 22 октомври 2024
Продолжува битката за нов лидер на СДСМ

Деспотовски и Филипче ќе ги враќаат општинските во игра, Петровска порача дека не е ничија продолжена рака

Враќање на внатрепартиската демократија и прекин на влијанијата на централата во Скопје побарале членовите во Тетово и Гостивар на вчерашните средби со кандидатот за претседател на СДСМ Јован Деспотовски, информираа од неговиот тим. Во Тетово и Гостивар вчера беше и Венко Филипче, а кандидатката за претседателка на СДСМ Славјанка Петровска во интервју порача дека не е ничија продолжена рака во партијата.

 

 

Објавено на

часот

Сподели

„Секаде каде што одиме во овие две недели се гледа голема енергија. Желба и потреба за промени. Бранот е покренат и нема да запре. Овие избори се шанса да ги промениме работите од внатре. Враќањето на моќта кај луѓето, зајакнувањето на општинските организации во процесите на одлучување се основа на нашиот нов пристап. Одлуките треба да ја одразуваат волјата на нашите членови, а не интересите на неколкумина“, рече Деспотовски.

Тој нагласил дека на средбите со членовите низ државата се гледа сериозен бран на незадоволство.

„Гневот и незадоволството од состојбите во партијата се сериозни и изразени. Тоа се манифестира и преку активно учество во процесот, но имате и начин на манифестирање преку бојкот на се што се случува внатре. Луѓето едноставно велат се додека тие луѓе се во таа зграда, јас не влегувам и не учествувам во ништо. Затоа начинот на којшто беше поставен Димитар Ковачевски во 2021 не смее да ни се повтори. На сите им е јасно дека процесот беше сѐ, само демократски отворен не. Малтене го земаа за рака и го седна. Против тоа ќе се борам и се борам“, рече Деспотовски и додаде дека „сметката од таквата “кадровска политика“ е платена на изборите, и не, „немаме луксуз такво нешто да ни се повтори.“

На средбите биле поднесени повеќе предлози во однос на комуникација со општинските организации и централата за да се надмине сегашната состојба и тие, како што информираат од тимот на Деспотовски, ќе бидат вклучени во завршната верзија на програмата „Нов почеток, Нов СДСМ“.

Оттаму велат дека меѓу другото ќе се воведе пракса еднаш месечно средбите на партиското раководство да се организираат во различен град на кој ќе бидат поканета и општинската организација.

„Ја зајакнуваме отвореноста на СДСМ. Мора да ги научиме лекциите од минатото кога функционерите се отуѓуваа од луѓето што ги бираат. Нема ‘криење’ од јавноста, од пријателите и соседите. Јавната или партиска функција не смее да не менува,“ рече Деспотовски.

Јас немам багаж, зад мене не стои ниту еден поранешен претседател затоа што не сакам да сум ничија продолжена рака и затоа сум во голема предност пред другите кандидати, изјави кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска во интервју за Независен.

Петровска во интервјуто вели дека мора да има анализа на резултатите од 2024-та, но и на резултатите од 2021 и во 2020 година, кога според неа, почнал да се наѕира или да се најавува поразот на СДСМ.

„Уште поважно е таа анализа да не биде задача само на неколкумина, туку членството во рамките на месните и општинските организации да го каже своето мислење. А, членството има многу што да каже за сите 7 години власт на СДСМ и многу точно да ги посочи пропустите, кои во минатото беа ставани под тепих. Едноставно мора да се соочиме со самите себеси и со нашите слабости за брзо да се вратиме на победничките патеки“, вели Петровска.

Запрашана за наводните поделби внатре во партијата и како ќе го обедини членството, Петровска истакна дека таа како иден лидер ќе ја врати моќта на одлучувањето назад кај членството.

„Лаги се шпекулациите дека со некој од кандидатите сум се договорила за постизборно приклучување во раководството на тој што ќе победи. Јас имам коалиција со членството, тоа ми е потребно. СДСМ треба да се врати на идеолошките корени, токму тоа треба да биде и ќе биде обединувачкиот фактор внатре во партијата. Фокусот ќе ми биде враќање на моќта на одлучувањето кај членството, тоа и го пишувам во Манифестот за социјалдемократијата. Мораме да расчитиме со лошите навики на носење одлуки во тесен круг на раководството и креирање политики во одбрано друштво, без притоа членството да биде консултирано или во најмала рака на време информирано за одредени процеси“ порача Петровска.

Партијата мора да ги штити членовите и да ги вреднува сите подеднакво. Не смее да се дозволат привилегии на поединци на сметка на запоставување на мнозинството. Недозволиво е мал број луѓе да го окупираат времето на цело раководство и затоа ќе направиме систем во кој секој ќе може да има пристап и глас. Ова доликува на демократска партија која е свесна дека кредибилитетот го добива пред сè од своите членови, истакна д-р Венко Филипче при вчерашната посета на општинските организации на СДСМ во Тетово и Гостивар во рамки на неговото претставување пред членството на партијата како кандидат за претседател на СДСМ.

Филипче уште еднаш се заложил дека професионализмот и посветеноста ќе бидат единствен критериум за напредување во партиските структури со што СДСМ ќе се професионализира и ќе функционира како ефикасна организација.

„Професионалноста, трудот и посветеноста на секој член на раководството и телата на СДСМ ќе биде прв критериум за избор на кадрите. СДСМ мора да се професионализира до мера да функционира како ефикасна организација каде секој знае што работи и какви одговорности има. Како претседател ќе се потпирам на вистински професионалци, посветени социјалдемократи кои се спремни во две смени да работат во партијата, а јас лично ќе водам со пример“, рече Филипче.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ