петок, 25 октомври 2024

Деспотовски ги повика противкандидатите низ јавни дебати да ги соочат визиите за СДСМ

Преку соопштение за медиумите кандидатот за претседател на СДСМ Јован Деспотовски упати покана до противкандидатите за функцијата за организирање на јавни дебати. Тој очекува сите да се согласат и пред членството да ги соочат програмите и визиите по катастрофалниот пораз за успешно враќање на партијата  на поранешните позиции во државата.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа им го должиме и на членовите, но и на сите граѓани, кон кои и денес и во периодот по избор на нов претседател треба да продолжиме да им се обраќаме. Сите кандидати зборуваат за луѓето, за членството, за важноста на ‘теренот’. Затоа очекувам сите да ја прифатат оваа иницијатива и да излеземе пред луѓето со своите програми, предлози, ставови и одговори. СДСМ е голема политичка партија, која во минатото секогаш ги движела процесите во општеството. Јавното соочување е нешто за што секогаш сме се залагале и за кое секогаш сме имале храброст да го бараме од нашите политички противници.

Денес, кога сме исправени со историски предизвик за партијата, но и за државата, треба повторно да почнеме од самите нас. И да покажеме дека имаме и програма и визија и идеи како СДСМ, но и Македонија да одат напред.

Со јавната дебата ќе покажеме дека сме отворени и посветени на фер процес, во кој информацијата, можноста, идејата ќе дојде до што е можно поширок круг на наши членови, а не само до затворен круг на партиски структури.

Процесот на избор на претседател на СДСМ е сè освен прашање/право на затворен круг на луѓе. Дебатата мора да биде широка, а во изборот да вклучиме што е можно поголем број од нашите десетици илјади членови. Нашите членови, избирачи се значаен дел од македонската јавност и тоа не смее да се заборава.

Подготвен сум да се прилагодам на потребите на останатите кандидати во однос на динамиката на реализирање на овие јавни дебати“, вели Деспотовски во поканата до противкандидатте за претседател на СДСМ.

Инау, изборите за лидер на партијата се закажани за 30 јуни, додека пак, во недела партискиот Конгрес ќе расправа за причините за поразот на партијата на двојните избори одржани минатиот месец.

Кандидатури поднесоа Славјанка Петровска, Венко Филипче, Јован Деспотовски, Златко Ристовски и Александар Бајдевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ