вторник, 22 октомври 2024

Денот кога го убивме Сашко во Сплит

Македонски тинејџери заглавија во хрватско-српскиот конфликт, а тој „за жал загина“?! Пред 33 години, пред машината за стрелање, македонскиот војник Сашко Гешовски не можеше да знае дека еден ден во истиот Сплит ќе стане точка на дневен ред на седница на градската  Комисија за именување улици и плоштади. Градот Сплит конечно реши да му постави спомен плоча на зградата на градската управа. Ако помине предлогот на Комисијата, пишува Слободна Далмација на 19 октомври 2024 година.

Објавено на

часот

Сподели

Пренесуваме делови од текстот.

На спомен плочата треба да пишува: „Сашко Гешовски, невин. Жртва на протестите одржани на 6 мај 1991 година“.

Некои членови на Комисијата сметаа дека таквиот натпис може погрешно да се протолкува, па сега се предлага ново решение: „Сашко Гешовски, Кавадарци, 31 октомври 1971 година – Сплит, 6 мај 1991 година. Случајно починал на 6 мај 1991 година“.

Убаво е што градот Сплит по 33 години успеа да се сети на својата морална обврска кон несреќниот Македонец, млад кавадарчанец, но оваа верзија на натписот создава семантички дупки. Натписот не дава никаков контекст за смртта на Сашко. Од ова не може ништо да научи некој што не знае што се случило пред зградата на градската управа на 6 мај 1991 година. Ниту кој е овој Гешовски, ниту како загинал, ниту зошто е толку важен што на зградата на градската управа е поставена спомен плоча…

Сашко Гешовски „за жал не загинал“ пред зградата на Бановина. Убиен е пред зградата на Бановина.

Јасно е дека Гешовски на 6 мај 1991 година не бил пред машината за стрелање, како што кажавме на почетокот. Но, таа метафора не е премногу далеку од реалноста што се излеа тој ден пред зградата на тогашната поморска команда на југословенската морнарица. Гешовски таму се нашол како војник кој го отслужувал тогашниот задолжителен едногодишен воен рок во Сплит. Во униформата на ЈНА, младиот Македонец во последните мигови од животот се најде пред разгневената толпа од десетици илјади луѓе кои протестираа против ЈНА, меѓу кои имаше и вооружени лица. Од толпата се пукаше и некој го уби Гешовски. Никогаш официјално не е утврдено кој го убил.

Оваа смрт е директна последица на општествениот и политичкиот контекст на тоа време. Четири дена претходно, на 2 мај, во Борово Село беа убиени 12 хрватски полицајци, што беше психолошка пресвртница во хрватското општество. Одеднаш дојде до голема промена во јавната перцепција за реалноста: тогаш дури и најголемите оптимисти сфатија дека војната е неизбежна.

Атмосферата во Хрватска тогаш значително се промени: социјалниот гнев и подготвеноста за насилство се зголемија. Тоа беше психолошката каписла за она што ќе се случи четири дена подоцна во Сплит.

На 6 мај 1991 годинаво Сплит се одржаа демонстрации против ЈНА…

Демонстрантите ја опколија зградата, а внатре офицери на ЈНА од различни националности се расправаа што да прават, додека збунетите регрути од сите југословенски републики – главно 19-годишници – исплашено го гледаа хаосот, слушајќи го гневот на толпата надвор и нервозни дискусии на полицајците внатре.

Се чини дека клучната погрешна одлука во зградата на командата – која по редоследот на настаните ќе доведе до смрт на Гешовски – ја донел српскиот разузнавач Љубиша Беара, кој подоцна во Хаг беше осуден на доживотен затвор за организирање на геноцидот во Сребреница. Веројатно со намера да ја исплаши и смири толпата, Беара пред зградата донесе два воени транспортери, што дополнително ги разбесни демонстрантите. Од толпата почнале да ги напаѓаат транспортерите и да се качуваат по нив.

Сцената во која демонстрант задави војник чија глава излегуваше од транспортер го обиколи светот, а кога беше објавено дека загинал војник на ЈНА, многумина помислија дека жртвата е задавениот војник. Но, војникот Светланчо Наков успеа да преживее задавување, а настрада Гешовски.

Гледајќи дека Наков е во смртна опасност во транспортерот, офицерот Сретен Егериќ излегува од споредната врата од зградата и пука во воздух, додека до него стојат војниците Сашко Гешовски и Тони Наев. Егериќ најверојатно сакал да ја растера толпата со истрели за да го извлече Наков од транспортерот, но толпата одговорила со рафални истрели од кои загинал Гешовски и бил ранет Наев, додека Наков успеал да се ослободи со помош на возачот на транспортерот Славе Јованов.

Случајно или не, сите четворица војници кои тој ден се нашле во критична ситуација пред зградата на градсјата управа биле Македонци. Сашко Гешовски од Кавадарци, Тони Наев од Македонска Каменица, Светланчо Наков од село Лаки кај Виница и Славе Јованов од струмичкото село Василево. Во срцето на конфликтот меѓу хрватските демонстранти и ЈНА, кој во суштина беше хрватско-српски конфликт, се најдоа четворица македонски постари тинејџери.

Еден месец подоцна, во јуни 1991 година, Светланчо Наков за белградскиот магазин Свијет ги опишал драматичните моменти што ги преживеал на куполата:

„Вистинско чудо е што останав жив. Бев на куполата на транспортерот. Поединци, како оној со мустаќите, како да сакаа да ме линчуваат. Претпоставувам дека некој ја запалил толпата извикувајќи „тој војник сака да пука во народот“. Еден демонстрант, кој ми пријде од страна, праша дали ќе пукам? Молчев, и веднаш одговорив дека ЈНА не пука во народот“, рече Наков.

Младиот Македонец вели дека бил „целосно изненаден“ и дека „на почетокот не можел да разбере што се случува“, бидејќи не очекувал дека „цивилите ќе тргнат на транспортерот“ и ќе го нападнат „војникот што е на задача“.  Само почувствувал дека некој одзади го фатил за врат и почнал да го дави.

„Сакаше да ме извлече од куполата и да ме удави. Да се ​​случеше тоа и да давав знаци на живот, кој знае што ќе ми направеше разбеснетата толпа. Во ситуацијата во која се најдов, се обидов некако да влезам во транспортерот“, ја раскажа Наков својата стратегија за преживување пред Бановина.

Ми помогна и Славе. Го одврза ременчето на кацигата и ме повлече во возилото“, рече македонскиот војник…

Единствената жртва на тие демонстрации беше Сашко Гешовски, младиот кавадарчанец за кого повеќе од 30  години последователни градски управи во Сплит одбиваат да му оддадат службена почит. Некогаш во близина на зградата се појавија графити „Денот кога убивме мал Македонец“, но тогашната градска управа отфрли таков текстуален предлог за спомен плоча на Гешовски, па графитот во меѓувреме беше отстранет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ