сабота, 19 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Декарбонизација

Климатските промени настануваат заради ефектот на стаклена градина кој што се создава од емисиите на стакленички гасови, а тие се: јаглерод-диоксид (СО2), метан (СН4), азотен оксид (N2H) и флуорни (F) гасови. Но најголемо учество во ефектот на стаклена градина има СО2, околу 75%. Тој се емитува во атмосферата при согорување на фосилните горива: јаглен, нафта и природен гас. Главна цел во борбата против климатските промени е намалување на емисиите на СО2, и токму тоа се нарекува декарбонизација.

На англиски јазик овој гас се нарекува carbon dioxide. Отстранувањето на неговите емисии во атмосферата го нарекуваат „decarbonisation“, а напишано соодветно на македонски јазик е „декарбонизација“. Буквално преведено би било „дејаглеродизација“, но мислам дека овој збор нема да се одомаќини кај нас.

Борбата против климатските промени зависи од многу фактори и почнува лично од секој поединец и семејството, па на ниво на локални заедници и држави, и на меѓународно т.е. глобално ниво. Процесот на декарбонизација главно треба да се одвива во енергетиката и тоа во неколку сектори: згради (станбени, комерцијални и јавни), индустрија, производство на електрична енергија и транспорт. Главна цел е намалување на потребите за енергија преку зголемување на енергетската ефикасност и премин од фосилни горива кон обновливи извори на енергија (сонце, ветер и биомаса), или т.н. чиста енергија. Оваа енергетска транзиција не е едноставна работа и ќе трае најмалку неколку децении, при што се потребни и вложувања на големи финансиски средства.

За побогатите (развиените) земји е полесно да ги обезбедат тие инвестиции, но за земјите во развој тоа е поголем товар поради помалиот економски потенцијал, па затоа им е потребна финансиска помош. Ова особено се однесува на посиромашните земји кои не се ни малку виновни за климатските промени бидејќи имаат малo учество во емисиите на стакленички гасови, а од друга страна се често погодени од временските катастрофи.

Според еден од поновите извештаи на Меѓународната агенција за енергија (IEA), годишните инвестиции во чиста енергија во земјите во развој и оние со забрзана економија мора да скокнат од 770 милијарди УСД (американски долари) оваа година на 2.800 милијарди УСД до почетокот на 2030 година за да му овозможат на светот да ги исполни поставените цели за одржлива енергија и да ги држи на повидок климатските цели од Парискиот договор. Извештајот ја нагласува потребата меѓународните институции да обезбедат поголема техничка, регулаторна и финансиска поддршка за да се активира потенцијалот за чиста енергија во земјите во развој.

Од технички аспект, може да се каже дека концептот на декарбонизација се базира на електрификација. Тоа значи дека наместо фосилни горива (јаглен, нафта и гас) треба да се премине на користење на електрична енергија, но таа да биде произведена од обновливи извори. На пример, греењето на просториите во зградите да се остварува со топлински пумпи. Транспортот да се одвива со електрични возила итн. За ваков концепт неопходно е да се прилагоди и изгради соодветна инфраструктура на електричната мрежа за пренос и дистрибуција на електричната енергија. Ова е особено важно за преземање на електричната енергија од нови локации каде што се градат фотоволтаични централи.

Почнувајќи од 1988 година Обединетите Нации (ОН) преземаат активности за намалување на климатските промени. Меѓу другото, секоја година се организира конференција за климатски промени со присуство на високи политички претставници и учесници од разни организации. На една таква конференција одржана во Париз во 2015 година донесен е т.н. Париски договор. Тој е правно обврзувачки меѓународен договор за климатските промени, а неговата цел е да го ограничи глобалното затоплување да биде под 2оС, по можност до 1,5оС во 2100 година, во споредба со прединдустриското ниво (1850 г.). За да се оствари тоа треба да се постигне климатска неутралност до 2050 година, односно нето нула емисии на стакленички гасови.

Според IEA, со денешното ниво на технологии и знаења во енергетиката, зацртаните цели не може да се постигнат. Затоа се инвестираат големи пари во истражувања на нови технологии како на пример во производство на „зелен” водород како гориво, батерии со голем капацитет, зафаќање и уништување на СО2, нуклеарна фузија итн.

Борбата против климатските промени допрва претстои. Значи зборот декарбонизација ќе го слушаме се’ почесто, верувајте дека „ќе ни’ ја пукнат главата“. Но тоа е подобро отколку да се соочуваме со разни временски и други видови на катастрофи. Заради честите и непредвидливи катастрофални појави предизвикани од климатските промени, може да се каже дека денес живееме во “климатска вонредна состојба“. Нашата желба да живееме поудобно не’ доведе до состојба во која што треба да носиме и непријатни одлуки.

 

                                                                                                                        Д-р Ристо Цицонков,

                                                                                             редовен професор Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ