недела, 24 ноември 2024

Дарио Ивановски ја доби наградата „13 Ноември“ за најдобар спортист на град Скопје

Сојузот на спортови на Скопје, денеска по повод ослободувањето на градот Скопје, организираше свеченост за доделување на наградите „13 Ноември“ на спортисти, тренери, спортски работници и организации, кои изминатата година постигнаа одлични резултати и придонесоа за развој и унапредување на македонскиот спорт во различни категории.

Објавено на

часот

Сподели

На свеченоста што се одржа во Спортскиот центар „Јане Сандански“ беа доделени 10 награди на предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот. Оваа награда претставува признание за исклучителните придонеси на добитниците во спортската област, со што тие оставија трајна трага во развојот на спортот и во промоцијата на спортските вредности во нашата заедница.

Наградата „13 Ноември“ – Спортист беше доделена на еден од најуспешните македонски атлетичари Дарио Ивановски, кој минатата година настапи на маратонот на Олимписките игри во Париз 2024 и стана стана првиот македонски олимпиец кој завршил една маратонска трка. Ивановски продолжи да постигнува одлични резултати и во 2024 година, остварувајќи неколку лични рекорди, а го освои и третото место на маратонската трка на годинашниот Виз Ер Скопски маратон.

Наградата Тренер ја доби Игор Јакимовски, тренер на атлетичарот Дарио Ивановски, кој е еден од најзаслужните за резултатите на Дарио.

Наградите за животно дело им припаднаа на Владимир Радиќ, поранешен ракометен тренер, кој беше и на кормилото на некогашниот женски европски шампион Кометал Ѓорче Петров, Ѓоко Хаџиевски, македонска фудбалска легенда и некогашен селектор на фудбалската репрезентација на Македонија и Ѓорѓи Чадиковски, атлетски тренер.

Останатите добитници на наградата „13 Ноември“ за 2024 година се Марјан Угриновски – Професор во Основното училиште „Јан Амос Коменски“, Мирјана Крстевска – Професор во СУГС „Димитар Влахов“, Филип Поповски – Фудбал, спортски работник и Влатко Неделковски – Декан на Факултет за физичка култура, спорт и здравје, спортски работник. Наградата „13 Ноември“ му припадна и на Спортското радио 90.3, за посебен придонес за промоција и развој на спортот во нашата држава.

Наградите „13 Ноември“ се доделуваат уште од 1970 година, по повод ослободување на градот Скопје. Наградата се доделува за особени заслуги во развој и унапредување на спортот како и за врвни спортски достигнувања на заслужен спортист, тренер, професори по спорт, спортски новинари, спортски работници и награди за животно дело во областа на спортот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ