среда, 16 октомври 2024

Да не бил таткото на Вања уште немаше да се знае што се случило со неа, тврди Туфегџиќ

Владимир Туфегџиќ, адвокатот на Александар Ѓорчевски, татко на убиената тинејџерка Вања Ѓорчевска, тврди дека целиот случај е расветлен само поради ангажманот на сега обвинетиот татко и на неговиот кум Гоце Трајковски. Тој денеска по завршувањето на судското рочиште изјави дека има докази дека Ѓорчевски врз него била вршена полициска тортура.

Објавено на

часот

Сподели

Поразително е што началник на полиција рече дека додека не стигнале наодите од истрагата на Гоце и Александар тој немал никаква насока ниту имал претстава што се случило со исчезнатите луѓе и тоа е она за што сите ние треба да бидеме загрижени, рече Туфегџиќ, по денешното трето рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес, што се случија лани во ноември. Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

„Се добива општа слика дека сите многу повеќе се ангажирале од самата полиција, на која тоа ѝ е работа. Вистината е дека токму овој инспектор кој денеска сведочеше побарал од Гоце да ја обезбеди снимката од бензинската пумпа во Велес и тоа Гоце го направил преку негов пријател, за кој подоцна дознавме дека е негов братучед, а сè со цел да се помогне во расчистувањето на случајот. Очигледно е дека Александар Ѓорчевски и Гоце Трајковски сфатиле кој е ставот и односот на полицијата, што го потврдува и општото чувство на семејството, кое апсолутно немало доверба во полицијата, а денеска видовме и зошто“, изјави Туфегџиќ.

На новинарско прашање бранителот рече дека инспекторот не ја кажал вистината во судницата дека Александар не бил малтретиран.

„Пред него се одвивала целата тортура кон Александар. Бил тој, заедно со уште тројца колеги, ако не грешам, можеби двајца, но Александар самиот ќе појасни во своето сведочење. Не е точно тоа што го рече, оти Александар е малтретиран пред неговите очи. Имаме лекарски белешки од Систина дека се утврдени повреди кои се настанати точно во периодот кога Александар бил во полиција“, рече Туфегџиќ.

На новинарско прашање зошто набрзо по исчезнувањето на Вања нејзиниот татко Александар, отишол да ја бара во Сарај, Арачиново и во Блаце, Туфегџиќ одговори дека тој во тие моменти се однесувал како мува без глава.

„На инспекторот му било сомнително што оди кон Блаце, му било сомнително што Александар давал препоставки дека Вања е киднапирана и убиена, а вистината е дека Александар во тој момент се однесувал како мува без глава и секој кој бил со него тоа може да го потврди. Инспекторот направи и една многу лоша споредба за однесувањето на мајката, дека била смирена и прибрана, па да го прашаме господинот што сака да каже со тоа дека мајката е смирена и прибрана? Секој од нас на различен начин доживува тага или среќа. Добро е што овој човек повеќе не е раководител на така важен оддел во полиција“, рече Туфегџиќ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ