сабота, 19 октомври 2024

Црногорците утре излегуваат на предвремени избори

Објавено на

часот

Сподели

Тоа ќе биде прво гласање по поразот на поранешниот лидер на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ на претседателските избори во април, по 30 години на власт. Црна Гора со години е поделена на оние кои се идентификуваат како Црногорци и оние кои се сметаат за Срби и црногорското одвојување од Србија никогаш не им било по волја.

Според анкетите на Центарот за демократија и човекови права (Цедем) од мај, проевропското Движење Европа сега (ПЕС), кое исто така се залага за потесни врски со Србија, води со 29,1 отсто поддршка пред парламентарните избори.

Јаков Милатовиќ од ПЕС победи на претседателските избори во април. Лидерот на ПЕС и поранешен министер за финансии Милојко Спајиќ кажа во кампањата дека сака да се фокусира на јакнење на економијата оптоварена со лошо управување и корупција, која многу зависи од приходите од туризмот на јадранскиот брег.

„Ние единствени зборуваме за инфраструктурата, за даночните реформи. Никој друг не зборува за тоа“, кажа тој.

Според анкетата на Цедем, проевропската ДПС со привремениот лидер Даниел Живковиќ е на второ место со 24,1 отсто поддршка, додека просрпскиот Демократски фронт заостанува со 13,2 отсто поддршка.

Живковиќ кажа дека победа на ДПС би го прекинала периодот на политичка парализа бидејќи на двете влади кои дојдоа на власт по протестите во 2020, со поддршка на влијателната Српска православна црква, им беше изгласана недоверба.

„Победата е исклучително важна за формирање стабилна, европска и реформска влада која Црна Гора ќе ја мрдне од мртва точка и ќе ја врати на вистинскиот пат“, кажа Живковиќ.

Многу Црногорци кажале дека сакаат влада која ќе донесе стабилност и ќе ја зајакне Црна Гора во насока на членство кон Европската Унија, што ќе бара искоренување на корупцијата, непотизмот и организираниот криминал.

„Ни треба ред бидејќи сега живееме во некој вид анархија“, кажа 37-годишниот Бранко Павловиќ во главниот град Подгорица.

„Очекувам да се обединиме како нација, нашиот живот да тргне кон подобриот европски свет“, кажала 24-годишната Ања Петровиќ.

Црна Гора, за разлика од Србија, се придружи на санкциите на Западот против Москва по руската инвазија на Украина минатата година, а Кремљ ја стави Црна Гора на листата непријателски држави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ