СДСМ го реафирмира ставот на партијата даден пред граѓаните на Босилово, Василево и Ново Село, во однос на постапката за отворање на рудник во Иловица, започната од Владата на Никола Груевски и ВМРО – ДПМНЕ, во време кога Мицкоски беше негов советник, е еден од заклучоците на ЦО на СДСМ.
„Без консултација и одобрение од граѓаните, од локалното население, без запазување на целата постапка и без исполнување на сите стандарди за животна средина согласно постојното законодавство, усогласено со европското, нема да се даде дозвола за отворање на рудник. Оттука, ставот на СДСМ е дека само граѓаните на југо-источниот плански регион, во општините Струмица, Босилово, Василево и Ново Село, можат да одлучат и треба на референдум да се произнесат за ова важно прашање, наведуваат од СДСМ.
Заштитата на животната средна, здравјето на луѓето и развојот на земјоделието, како што посочуваат, се приоритети на СДСМ.
„Европската интеграција на земјата треба да биде обврска на секоја политичка партија. Затоа сите релевантни парламентарни партии и сите пратеници коишто иднината на земјата ја гледаат како полноправна земја – членка на ЕУ треба да ги поддржат уставните измени“, посочуваат од СДСМ.
Во соопштението се потенцира и дека во наредните две недели, амандманите на Уставот ќе бидат разгледани од страна на Владата и јавно објавени. Потоа тие ќе бидат доставени до Собранието по што ќе следи и процес на дискусија согласно собраниската процедура.
По спроведените економски мерки како одговор на глобалната економска и енергетска криза, македонската економија, како што оценуваат во владејачката партија, продолжува да расте во позитива, економската активност се зголемува, инфлацијата бележи константно намалување со месеци и веќе е сведена на едноцифрени 9 проценти.
„Ова се охрабрувачки податоци и потврда за успешност на економските политики на Владата предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски. До крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи, економијата да продолжи да расте, да остане трендот на зголемување на инвестициите, новите работни места и платите“, потенцираат од СДСМ.
По предлог на генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ Вардарски, за нов организациски секретар на партијата, членовите на ЦО едногласно го избра Митко Трајчулески. Тој е магистер по меѓународна политика и дипломатија, има 43 години, член е на СДСМ од 1996 година и има долгогодишно работно, професионално и партиско искуство. Претседател е на партиската Комисија за транспорт и врски на СДСМ и актуелен Државен секретар во Министерството за транспорт и врски, бил поранешен Шеф на Кабинет во министерството, за време на професионална кариера работел во Секретаријатот за Европски прашања во Сектор за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ.