вторник, 8 октомври 2024

Човек не може така да ја замати водата во струмичко, против природата не се може, тврдат експертите

Водата за пиење која содржи високо ниво на манган, дури и за кратко време, може да претставува ризик по здравјето, особено на доенчињата и малите деца. Децата пак и возрасните кои долго време пијат вода со високо ниво на манган може да имаат невролошки и бихејвиорални ефекти, дефицит во меморијата, вниманието и моторните вештини, вели за МКД.мк, проф. д-р Игор Спироски, специјалист по хигиена и здравствена екологија, в.д. раководител на одделението за здравствена екологија и раководител на одделението за исхрана и здравствено-хигиенски прегледи при Институт за јавно здравје (ИЈЗ) откако изминатите недели беше регистрирано недозволено зголемена количина на манган во водата за пиење во Струмица, Василево и Гостивар. Анализите на ИЈЗ покажуваат дека водата во Гостивар веќе може да се пие. Останува отворено прашањето со водата во Општина Василево затоа што во лабораториите на Институтот засега нема тестирано вода од Василево.

Објавено на

часот

Сподели

Како што објаснува проф. д-р Спироски, студиите кај деца и доенчиња сугерираат дека исклучително високи нивоа на изложеност на манган може да предизвикаат непожелни ефекти врз развојот на мозокот, промени во однесувањето, понизок коефициент на интелигенција, тешкотии во говорот и меморијата, недостаток на координација и контрола на движењето и намалување на способноста за учење и помнење.

Негрижата за природата си го зема данокот

Против природата не можеме, вели Лазар Ѓеорѓиев раководител на подрачната единица на државното претпријатие Водостопанство надлежно за стопанисување со браните како што е Турија во Струмица од која струмичани и дел од жителите на Општина Василево се снабдуваат со вода.

„Преголеми врнежи на дожд за многу краток период, одроните на земја кај зафатот за испуст на вода, но и земјотресот во Берово се можните причини за зголеменото ниво на манган во сировата вода“, вели за МКД.мк Ѓеорѓиев.

Анализирајќи ја денешната состојба со онаа од 2008 година, Ѓеорѓиев вели дека и во двете години во истиот период дневно испарувале по два милиони метри кубни вода, но во 2008 година немало зголемено присуство на манган.

„Но во 2008 година немаше ниту вакви врнежи како што ги има оваа година“, вели Ѓеорѓиев.

Кои се можните причини за зголемено присуство на манган во водата?

Проф. д-р Спироски објаснува дека манганот се ослободува во водните патишта главно преку ерозија на карпите и почвите, рударските активности и индустрискиот отпад или со истекување на манган од антропогени материјали фрлени на депониите или почвата, како што се батериите со суви ќелии.

Што побрзо се повлече манганот толку помали ќе бидат последиците

Дали, колку и какви последици би претрпеле жителите на Струмица, Василево и Гостивар зависи од тоа колку време ја користеле загадената вода, дали изложеноста на манганот е краткорочна или долгорочна.

„Иако нема строга временска поделба, во смисла на изложеноста на тешки метали, како што е манганот, долготрајна изложеност е изложеност за време од ‘месеци и години’. Изложеност под еден месец се смета за краткотрајна изложеност“, појаснува проф. д-р Спироски.

Граѓаните на Струмица, Василево и  Гостивар веќе две недели не ја користат  вода за пиење, но никој не потврдува колку време претходно водата била загадена со недозволено количество на манган.

Зошто  во исто време и зошто токму водата во сите три општини е загадена со манган, одговори треба да дадат стручњаци, вели Стојан Ефтимов од општинското Јавно претпријатие Комуналец од Струмица.

„Ние ја испитуваме водата на дневна основа. Иако нашите резултати се точни, сепак ние не сме акредитирани за да даваме официјални податоци. За да бидат официјални податоците, испитувањата мора да бидат направени во акредитирана лабораторија и од Институтот за јавно здравје. Нашите резултати за квалитетот на водата се за наша интерна употреба за да знаеме на кој начин да ја чистиме сировата вода која ја купуваме од браната Турија“, вели Ефтимов.

Првичните официјални податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажаа дека во струмичката вода вредностите на манган во водата за пиење се близу 10 пати над максимално дозволените.

Што се однесува до Гостивар, проф д-р Спироски не може точно да каже зошто различни анализи на иста вода покажале дека гостиварњската вода, не е, односно е за пиење.

„На ова прашање не можам да дадам конкретен одговор заради тоа што немам информации со кои ќе можам да го поткрепам. Генерално, драстично различни резултати во различни лаборатории можат да бидат резултат на широк дијапазон на причини, започнувајќи од погрешно земање на примерокот за анализа па до проблеми со опремата со која се прави анализата и нејзина несообразност со стандардите за квалитет. Што се однесува до резултатите од анализите направени во ИЈЗ, ние гарантираме само за примероците донесени во нашите лаборатории затоа што се направени со супериорна апаратура и техника, како и од високо квалификуван кадар“, вели проф. д-р Спироски.

Манганот се повлекува, ама опасноста останува

Иако Водостопанство и струмички Комуналец не потврдуваат сепак, МКД.мк дознава дека за да може да биде употреблива за пиење, манганот во сировата вода од браната Турија треба да се намали уште за еден промил.

„По 15 дена недозволено количество на манган во водата тој полека се намалува и се надевам дека во следните денови манганот ќе биде на она ниво на кое ние ќе може да ја прочистуваме сировата вода одбраната Турија по што водата ќе може да се употребува за пиење“, вели Ефтимов.

Според него оваа состојба не е предизвикана од човечки фактор, но треба да биде поука за во иднина како се грижиме за природата и браните од кои комуналните претпријатија се снабдуваат со сирова вода која потоа ја пречистуваат.

Дека количините на манган во водата полека се намалува потврдуваат и од ИЈЗ.

„Истите, во последователните анализи кои се прават кај нас полека опаѓаат, но во моментов се сè уште над максимално дозволените. Анализите на водата од Гостивар направени кај нас покажаа вредности кои се пониски од максимално дозволените и од тој аспект, во водата во Гостивар нема надминати нивоа на манган“, вели проф. д-р Спироски.

Останува отворено прашањето со водата во Општина Василево затоа што, како што вели проф. д-р Спироски, во лабораториите на ИЈЗ засега нема тестирано вода од Василево.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ