Гувернерката Ангеловска-Бежоска потенцираше дека отпорноста на банкарскиот систем не само што е задржана во текот на кризите, туку и дополнително е зајакната, овозможувајќи континуирана кредитна поддршка за економијата.
„Главниот параметар за стабилност на системот е адекватноста на капиталот, која во моментов изнесува околу 19% и е највисока во последните 16 години. Дополнително, стабилната ликвидност и добриот квалитет на кредитното портфолио покажуваат дека банкарскиот систем има капацитет за поддршка на економскиот раст. Позитивни промени има и во рочната и валутната структура на депозитите, со значителен раст на долгорочните депозити и штедење во денари, што ја одразува довербата на јавноста во банкарскиот систем,“ истакна Ангеловска-Бежоска.
Во рамките на посетата, гувернерот Васле одржа презентација за најновите трендови во банкарскиот сектор пред претставници на банки и регулаторни тела во земјава.
„Банките во еврозоната и во Словенија бележат висока профитабилност и историски поволни показатели за квалитетот на средствата. Солидната капитализација и ликвидност на банките се резултат на подобрувањето на банкарската регулатива и супервизија, како и на поддршката од монетарната и фискалната политика во текот на пандемијата и енергетската криза. Сепак, европските банки се соочуваат со долгорочни предизвици како дигитализацијата и конкуренцијата од небанкарските институции,“ рече Васле.
И покрај поповолниот макроекономски амбиент годинава, гувернерите истакнаа дека ризиците и неизвесностите остануваат, особено оние поврзани со геополитичките превирања и геоекономската фрагментација. Централните банки ќе продолжат внимателно да ја водат макропрудентната политика за зајакнување на финансиската стабилност во наредниот период.