недела, 20 октомври 2024

Бројот на егзекуции во светот е најголем од 2017 година: „Во некои земји владее смртоносно лудило“

Објавено на

часот

Сподели

„Бројот на егзекуции во 2022 година достигна највисоко ниво во последните пет години, а за тоа во најголем дел придонесоа земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, каде завладеа смртоносно лудило“, посочува АИ. Според податоците на таа организација за човекови права, во 2022 година смртна казна е извршена над 883 лица во дваесет земји, што е зголемување за 53 отсто во однос на претходната година.

„Наглиот пораст на бројот на егзекуции, кој не ги вклучува веројатно илјадниците егзекутирани во Кина минатата година, главно може да се припише на земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, каде во 2021 година беа егзекутирани 520 луѓе, а во 2022 година дури 825 лица“, вели АИ.

Во Саудиска Арабија „само за еден ден беа егзекутирани 81 затвореник“, рече Агнес Каламар, генерален секретар на Амнести. Покрај тоа, таа го обвини Иран дека „во очајнички обид да се потисне народното востание, им ги одзеде животите на луѓето кои само го користеа своето право на протести“.

Во исто време, АИ истакнува дека вкупниот број на егзекутирани лица во 2022 година е всушност „значително поголем“ поради „тајноста што го опкружува извршувањето на смртната казна во земји како Кина, Северна Кореја и Виетнам“.

„Иако не го знаеме точниот број на егзекуции во Кина, земјата несомнено е лидер по бројот на егзекуции“, додава Амнести. Сепак, од извештајот произлегува „нота на оптимизам“, бидејќи шест земји целосно или делумно ја укинаа смртната казна во 2022 година.

Казахстан, Папуа Нова Гвинеја, Сиера Леоне и Централноафриканската Република ја укинаа смртната казна за сите кривични дела, додека Екваторијална Гвинеја и Замбија ја укинаа смртната казна само за граѓански прекршоци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ