понеделник, 21 октомври 2024

Брнабиќ во ОН: Не е точно дека Приштина е посветена на дијалогот и дека на Косово има владеење на правото

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ синоќа, на крајот на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации за Косово, истакна дека Приштина не е конструктивна и посветена на дијалогот со Белград и дека позицијата на Србите е значително полоша од онаа што ја претставуваат косовските власти.

Објавено на

часот

Сподели

За време на расправата на седницата, на која беше разгледуван шестмесечниот извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (Унмик), Брнабиќ кажа дека постојат големи разлики меѓу праксата, односно условите на теренот, и она што Приштина го тврди за демократијата и владеењето на правото на Косово.

„Слушнавме од (косовската претседателка Вјоса) Османи дека Косово е конструктивно и посветено на дијалогот, но не слушнавме зошто Косово не го применува Бриселскиот договор (од 2013 година) и зошто не ја формира Заедницата на српски општини (ЗСО) повеќе од 10 години. Тоа покажува колку е Косово навистина конструктивно и посветено на дијалогот“, кажа Брнабиќ.

Брнабиќ истакна дека Белград „направил сè на што се обврзал“ во бриселскиот дијалог, а дека Приштина „не применила ниту еден збор“, со оценка дека „тоа доволно зборува за нејзината конструктивност“.

Премиерката на Србија кажа и дека Србите на Косово имаат право на вето на хартија, кое во пракса не се применува.

„Кога парламентот (на Косово) одлучуваше за формирањето на Косовските безбедносни сили, Србите не гласаа, и тоа би требало да значи дека Косовските безбедносни сили не може да бидат формирани. Но тие, и покрај тоа, беа формирани. Правото на вето на Србите така функционира во пракса“, истакна таа.

Брнабиќ го наведе и примерот на манастирот Високи Дечани, за кој кажа дека во 2021 година бил меѓу седумте најзагрозени локации на културно налседство во Европа, според податоците на организацијата Еуропа ностра.

„Одлуката на уставниот суд на Косово од мај 2016, дека манастирот Високи Дечани е сопственик на неколку хектари земја, сè уште не е применета. Повеќе од 20 години тој манастир е единствената верска локација во светот која е под заштита на воени сили, на Кфор, и толку за безбедноста“, додаде таа.

Се осврна и на тврдењето дека Косово е „светол пример на демократија и владеење на правото“, прашувајќи како тогаш е можно Косово да е „светски шампион по најмал број повратници од сите постконфликтни територии“ во светот.

„Кога се толку фантастични, кога се светол пример, кога таму постои владеење на правото и безбедност, и право на вето, како тоа луѓето не се враќаат? Зошто тогаш се апсат кога ќе се вратат. А колку ќе останат во затвор никој не знае. Во просек 21 месец, речиси две години“, истакна Брнабиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ