сабота, 19 октомври 2024

Британски пратеник заработува 900 фунти за еден час од фирма за оружје во Македонија

Лабуристите го обвинуваат пратеникот на британските конзервативци Марк Причард дека го омаловажува Парламентот поради работата во македонска компанија за оружје чиј сопственик бил вмешан во скандал со поткуп, открива Опен демокраси (OpenDemocracy).

Објавено на

часот

Сподели

Марк Причард, кој е пратеник од 2005 година, почна да работи за фирмата АТС во ноември, а дури минатата недела го пријави овој негов ангажман во регистарот за транспарентност на Парламентот.

Сопственикот и извршен директор на АТС (ATS Group) беше уапсен во Белград во 2019 година по повеќемесечна истрага од српските власти за наводите за поткуп и наводна кражба на технички документи на конкурентски производител на оружје во Ужице, Србија.

Причард во регистарот напишал дека е ангажиран од фирма за „индустриски производствен и технолошки бизнис“. Но, од веб-страницата на фирмата се открива дека се работи за производител на оружје, муниција и опрема за производство на муниција.

Пратеникот, кој претходно беше член на Комитетот за безбедност и разузнавање, рече дека компанијата ќе му плаќа 9.000 фунти месечно за „маркетиншки советодавни услуги“, но одби да даде дополнителни детали.

Причард за Опен демокраси одби да каже дали пред да го прифати овој ангажман бил свесен за скандалот со поткуп со сопственикот на АТС. Неговиот ангажман е 10 часа месечно.

Пратеничката од Лабуристичката партија Луси Пауел, за Опен демокраси изјави дека Причард треба „да одговори на јасни прашања“. Таа рече дека неговите аранжмани со АТС „го омаловажуваат Парламентот“.

Од пријавата во регистерот може да се види дека Причард работи и за непрофитна организација од Вашингтон фокусирана на „владеењето на правото во евроазиските земји“, како и за две американски енергетски инвестициски фирми со значителни интереси во бугарскиот гас и нафта. Записите покажуваат дека за сите овие негови ангажмани Причард моментално заработува речиси 16.000 фунти месечно.

Стив Гудрич од Транспаренси интернешнл Велика Британија, рече дека ангажманот на Причард за производител на оружје истовремено кога е и пратеник покренува сериозни прашања за ризиците од несоодветно влијание врз националната одбрана, безбедноста и одлучувањето за надворешната политика. Оваа можност за втори работни места треба да се забрани, освен во некои посебни случаи, за да се избегне понатамошна ерозија на довербата во политиката, вели Гудрич.

Причард е влијателна личност со широка мрежа на контакти низ Европа поради неговата долгорочна вклученост во работата на голем број меѓувладини организации кои ги здружуваат пратениците од цела Европа и светот за да соработуваат за низа прашања, вклучително и за енергијата и за одбраната.

Пратеникот моментално ја предводи делегацијата на Британија во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и беше специјален претставник на организацијата во Југоисточна Европа помеѓу 2018 и 2020 година.

Емили Епл, координатор за медиуми во Кампањата против трговијата со оружје (CAAT), вели дека овој ангажман на Причард за македонската компанија не се однесува на какви било негови маркетиншки вештини, туку користење на неговите врски и влијание што доаѓаат со неговата позиција како пратеник.

Причард за Опен демокраси изјави дека неговата компанија (MAP Advisory Limited) повеќе не дава услуги на двете енергетски фирми со седиште во САД и додаде дека соодветно ќе го ажурира парламентарниот регистар. „Над 210 пратеници добиваат пријавени приходи од вонпарламентарна работа. Тоа е дозволено и е целосно регулирано“, додаде Причард.

Според новинарските извештаи во српските медиуми, сопственикот и извршен директор на АТС групацијата Шефќет Демировски во ноември 2019 година бил уапсен во хотелот Хилтон во Белград под сомневање за поткуп. Полицијата соопшти дека тој бил фатен како му плаќал на поранешен работник во фабриката за оружје Прв партизан за доверливи планови и технички документи во врска со производството на оружје и муниција со калибар 12,7 мм. Полицијата соопшти дека поткупот бил вреден 30.000 евра.

Демировски бил пуштен од притвор со платена кауција од 200.000 евра.

ATС е мултинационална компанија во Македонија која произведува воена опрема и технологија за производство за „некои од најелитните воени професионалци и професионалци за спроведување на законот во светот, како и за цивили“, пишува на нејзината веб-страница.

Најголемиот дел од извозот на АТС оди во Турција. Компанијата има и американско огранок, со седиште во Сент Луис.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ