„Без разлика дали сте обожавател на Борис или не, тоа ќе мора да се прочита, и во Вестминстер и од милиони луѓе ширум светот“, забележува весникот. Откако поднесе оставка од премиерската функција минатата година, Џонсон, еден од најпознатите и најконтроверзни британски политичари, заработи милиони фунти од држење говори.
Дејли мејл е еден од најчитаните британски десничарски весници, а Џонсон сигурно ќе заработи добри пари. На Борис Џонсон скандалите не му се непознати, тој ја започна својата кариера како новинар, но беше отпуштен од Тајмс поради измислување на цитат. Потоа пишуваше за Дејли телеграф, каде како дописник од Брисел ја критикуваше Европската унија во живописни текстови кои не беа секогаш точни.
Потоа се занимавал паралелно со новинарство и како уредник на магазинот Спектатор и со политика како пратеник во парламентот, а пред да стане премиер имал редовна колумна во Дејли телеграф. Поради тоа, тој често беше критикуван, на пример за исламофобија, бидејќи тврдеше дека муслиманките кои носат бурка изгледаат како поштенски сандачиња или ограбувачи на банки.