Израелските авиони и тенкови во текот на ноќта ги засилија нападите врз делови од градот Кан Јунис, на југот на Појасот Газа, рекоа жителите, додека на северот од енклавата, во градот Газа, тенковите се повлекуваат, пренесува Ројтерс.
Жителите на квартот Шеик Радван, во северниот дел на палестинската енклава, беа првите што известија дека израелските тенкови се повлекле, по, како што ги опишаа, најинтензивните 10 дена војување од почетокот на конфликтот. Сепак, тенковите во другите делови на северниот дел на Појасот Газа не се повлекоа, а во централните делови на енклавата борбите продолжија.
Израелски официјален претставник во понеделникот објави дека армијата ќе ги повлече своите сили од Газа и ќе премине во повеќемесечна фаза на локализирани операции на „чистење“.
Израелскиот функционер рече дека сегашната ситуација на либанската граница „нема да може да продолжи“, како и дека, како што рече, следните шест месеци претставуваат критичен период бидејќи, според него, „секоја нова ескалација носи поголем ризик од поширока регионална војна“.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во Газа оцени дека е погрешен впечатокот дека кампањата против Хамас се прекинува и најави „поинаков тип“ на операции наскоро. Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека зазеле упориште на Хамас во населбата Шеик Радван во градот Газа. Израелската 401-ва оклопна бригада ја нападна главната зграда на упориштето, која вклучува бункер длабок 20 метри што го користи Хамас како команден центар. Специјалните сили влегле во еден од тунелите и се бореле со членовите на Хамас под земја.
Новиот министер за надворешни работи на Израел, Израел Кац, по преземањето на функцијата, рече дека Израел е „среде трета светска војна против Иран и радикалниот ислам“. Израелските власти соопштија дека уште 129 лица се задржани во Газа од околу 240 киднапирани во нападите на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, кога почна војната. Израелските војници убија пет вооружени палестински милитанти во размена на оган на Западниот Брег, соопшти ИДФ. Министерството за здравство во Појасот Газа, со кое управува Хамас, вчера соопшти дека во израелските воени операции во Појасот Газа загинале 22.185 Палестинци.
Врховниот суд на Израел отфрли клучен дел од контроверзната судска реформа на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, која би можела повторно да ги разгори поделбите во општеството во земјата што ѝ претходеа на војната против Хамас, пренесува АП. Тоа е значаен удар за Нетанјаху и неговите тврдокорни сојузници, кои тврдат дека парламентот, а не Врховниот суд, треба да го има последниот збор за законитоста на законот.