недела, 21 јули 2024

Бабовски: За решавање на проблемот со бездомните кучиња е потребна регистрација на одгледувачници на кучиња

Објавено на

часот

Сподели

Како што напоменува Бабовски, нема да биде дозволено држење куче кое е репродуктивно способно, освен ако не се работи за одгледувачница за кучиња или регистриран сопственик на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци). Крајната цел е јакнење на принципите за одговорно сопствеништво на домашните миленици и намалување на бројот на бездомни кучиња.

Оценува дека неодговорното сопствеништво и напуштањето на домашни миленици останува еден од најголемите извори на бездомни кучиња. 

Во разговорот, Бабовски се осврнува на новата функција во Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), но, и на најновите бројки во однос на претставките поврзани со безбедноста на храната во земјава.  

Официјално сте назначен за генерален секретар на регионалната канцеларија на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH) за Европа. Што значи тоа за Вас лично, но и за земјава и колкава е одговорноста да се биде на ваква позиција? 

„Горд сум. Лично како човек и професионално, како директор на институцијата која е задолжена за креирање политики и за контрола на безбедноста на храната и за здравствената заштита и благосостојбата на животните. Горд сум на себе, но, пред се на моите колеги вработени во АХВ кои со посветена работа во изминативе десет години, во соработка со ветеринарните служби и науката, ги креираа и градеа политиките за унапредување на секторите за безбедност на храната и за здравствената заштита и благосостојбата на животните. Сите заедно успеаја, институцијата, почнувајќи од нејзиното формирање па се до денес, во држава, но и на меѓународен план, да ја позиционираат високо и да ја стават во европски и во светски рамки рамо до рамо со меѓународните институции кои имаат далеку подолг професионален стаж во секторите кои се во надлежност и на нашата институција. Потврда за тоа е позицијата која ми е доверена од четвртокот – нов генерален секретар на регионалното претставништво на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH) за Европа, позиција со која дефинитивно АХВ, но и државава, добија уште едно, овој пат светско признание, за досега вложеното во развој и унапредување на политиките за здравствена заштита на животните.  Очекувано, по мене и логично беше да се валоризира се што како институција вложивме на ова поле во изминатите години со учеството во Советодавниот форум на Европската агенција за безбедност на храна (EFSA), во Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекугранични болести кај животните, Европската комисија за лигавка и шап, учеството во управувањето со имплементацијата на меѓународните стандарди на WOAH, како и на националните стандарди кои се усогласени со европските. Задоволството е големо, но, одговорноста е уште поголема. И кон домашните институции и граѓаните и кон меѓународната заедница. Логично, сега треба да очекува уште поголема наша вклученост во светските текови во областа на ветеринарството, со директно учество во процесот на креирање на политиките преку непосредно учество во управните тела на WOAH. Повеќе не сме само учесници, туку отсега стануваме непосредни креатори на политиките за здравје на животните на светско ниво, како институција и како држава воопшто“,  вели Бабовски.

Од март до јуни годинава сите општини треба да направат проценка на бројот на бездомни кучиња. Кои се најновите податоци? Се наѕира ли воопшто решение на овој проблем со оглед дека не стивнуваат пријавите за каснувања од улични, па и од кучиња кои имаат сопственици? Каде можеме да ја лоцираме одговорноста?

„Прв пат оваа година со Наредбата за здравствена заштита на животните дадена е обврска на општините да направат проценка на популација на кучиња. Заловувањето на кучињата е независно од проценката и треба да се одвива тековно, а не да се чека исходот за проценката, односно треба да се реализира врз основа на веќе донесените планови и програми за заловување.  Врз основа на оваа проценка општините треба да го направат планот за контрола на популацијата на бездомни кучиња за наредната година. До овој момент проценка има направено и доставено до АХВ само општина Конче. АХВ е во координација со ЈП „Лајка“ да се направи ваква проценка за Град Скопје. Техничка помош за методологијата побара прифатилиштето од Општина Струмица, со која АХВ е во координација за да ја спроведат проценката. Во однос на каснувањето на кучиња, одговорноста за проценка на агресивност на кучињата и постапките со опасните кучиња пред да се вратат на улица е на општинското прифатилиште и се спроведува од страна на овластени лица, а за сопственичките кучиња, тоа е обврска на сопствениците на кучињата кои каснале човек. За решавање на проблемот со бездомните кучиња, бидејќи преку намалување на бројот ќе се намали и инциденцата на каснување, недостасува една важна алка, а, тоа е регистрација на одгледувачници на кучиња за што АХВ има подготвено Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за благосостојба на животните кој се наоѓа во фаза на меѓуинституционално усогласување. Стратешка цел на Агенцијата е донесувањето на ова законско решение. Изменувањето и дополнувањето на Законот за заштита и благосостојба на животните се прави со цел подобрување на одговорното сопствеништво на домашните миленици, како и спроведување на одредени сегменти од Стратегијата за заштита и благосостојба на животните кои се однесуваат на пролонгирање на рокот за отфрлање на основниот кафезен систем за држење на кокошки несилки. Со законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните ќе се воспостави систем за контрола на неконтролираното размножување на кучињата и другите домашни миленици преку регистрација на одгледувачници за кучиња и евидентирање на регистрираните одгледувачи на куче. Со воспоставување на оваа мерка се очекува оние сопственици на домашни миленици кои не сакаат да го чуваат својот миленик за репродукција (не сакаат да се регистрираат како одгледувачница и или регистриран сопственик на куче) да го стерилизираат својот миленик.  Нема да биде дозволено држење куче кое е репродуктивно способно, освен ако не се работи за одгледувачница за кучиња или регистриран сопственик на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци). Крајната цел е зајакнување на принципите за одговорното сопствеништво на домашните миленици и намалување на бројот на бездомни кучиња. Со законот ќе се регистрираат сопствениците на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци), одгледувачниците, продавниците за домашни миленици и пансионите за кучиња со што ќе се зајакне контролата на овие комерцијални активности, а краен резултат е намалување на бројот на бездомни кучиња, контрола на болестите и зајакнување на одговорното сопствеништво.   За жал, и покрај напорите кои изминативе години ги прави Агенцијата за унапредување на одговорното сопствеништво и негово доближување до граѓаните, токму неодговорното сопствеништво и напуштањето на домашни миленици останува еден од најголемите извори на бездомни кучиња. За тоа говорат и бројките кои како институција секоја година ги анализираме и врз основа на кои носиме предлози и нудиме решенија за надминување на овој проблем кој во некои општини станува алармантен“, вели Бабовски.

Безбедноста на храната е секогаш актуелна тема. Може ли да ни кажете колку пријави има од граѓани годинава и за кои производи најмногу? На што се жалат најмногу потрошувачите?

„Од почетокот на годинава досега, во Одделението за заштита на правата на потрошувачите се пристигнати 218 претставки. Предничат претставките од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните (112), а по бројност, по нив се оние кои се однесуваат на безбедноста на храната од неживотинско потекло. Нивниот број досега изнесува 90. Само 13 претставки се однесуваат на безбедност на храната од животинско потекло. Останатите се предлози. Од вкупно поднесените претставки кои се однесуваат на безбедноста на храната, граѓаните поднеле 17 претставки за прашања поврзани со Добра хигиенска пракса, 15 претставки се однесувале на променети органолептички својства на производи 14 се со наводи сомнеж за безбедноста на производи, 13 за присуство на контаминенти во храната и 12 за поминат рок на употреба.  Помал е бројот на претставки кои се однесуваат на работа без одобрение на оператори со храна, измама на потрошувачи, сомнежи за труење со храна и други наводи. Од годинава поднесените 112 претставки со наводи за заштита и благосостојба на животните, 47 се за неодговорно сопствеништво, а 26 за напад и каснувања од куче. Од евидентираните 566 претставки минатата година, најголемиот број, односно 313 биле претставки од областа на ветеринарството, односно се однесувале на здравствената заштита и благосостојбата на животните. Од нив 110 за неодговорно сопствеништво,76 претставки за напади и каснувања од куче, 11 за нанесување штети од добиток и претставки со други наводи. Вкупно 226 од поднесените претставки биле поднесени со наводи кои се однесувале на храната од неживотинско потекло, додека, најмал е бројот на претставки кои се однесувале на безбедноста на храната од животинско потекло. Нивниот број во 2022 година изнесувал 25“, вели Бабовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ