вторник, 22 октомври 2024

Австралискиот премиер за Асанж: Случајот трае предолго, сакаме да се врати дома

Австралискиот премиер Антони Албанис во вторникот изјави дека Австралија му дава помош на Џулијан Асанж по веста дека основачот на Викиликс се согласил да се изјасни за виновен по едно обвинение во спогодбата со САД и дека го напуштил Обединетото Кралство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Владата секако е свесна дека австралискиот државјанин Џулијан Асанж има закажани правни постапки во Соединетите Држави“, рече Албанис пред австралискиот парламент, поздравувајќи ја веста како позитивен развој на настаните.

Според судските документи поднесени во понеделникот, Асанж ќе се изјасни за виновен по едно обвинение, тоа за заговор за добивање и откривање доверливи американски одбранбени податоци. Во договор со американското Министерство за правда, тој ќе биде поштеден од дополнителна затворска казна во САД.

Се очекува Асанж во среда да присуствува на сослушување на островот Саипан во Тихиот Океан, по што ќе се врати во Австралија, се вели во судските документи. Саипан, дел од Маријанските острови, е под американска власт.

Договорот сè уште треба да биде одобрен од американски федерален судија.

Неговата сопруга Стела во вторникот изјави дека е „воодушевена“ по веста дека тој ќе биде ослободен и дека тоа е „неверојатно“, објави Ројтерс.

„Тој ќе биде слободен човек откако судијата ќе потпише, што ќе се случи утре некаде“.

Албанис најави дека нема да дава „понатамошни детални коментари“ бидејќи постапката е во тек, но потврди дека високиот комесар на Обединетото Кралство Стивен Смит „патувал со Асанж кога го напуштил Обединетото Кралство“. На основачот на Викиликс му помага и австралискиот амбасадор во САД, Кевин Руд.

„Случајот се одолговлекува предолго“, рече Албанис.

„Ништо не може да се постигне со неговото понатамошно затворање и сакаме тој да се врати дома во Австралија“.

„Ќе имам повеќе да кажам кога ќе заврши судската постапка и се надевам дека тоа ќе биде многу брзо. Тогаш соодветно ќе ве известам“, рече премиерот.

Викиликс објави дека Асанж го напуштил лондонскиот затвор Белмарш со кауција во понеделникот наутро, заминувајќи од ОК од аеродромот Стенстед.

Платформата на Асанж Викиликс објави илјадници доверливи американски воени документи за американската инвазија на Авганистан и Ирак.

Вашингтон тврди дека Австралиецот со тоа ги загрозил животите на американските агенти и дека нема оправдување за неговите криминални дела. Неговите поддржувачи, од друга страна, го слават како херој кој е кривично гонет за откривање на американските злосторства.

Меѓу другото, во 2010 година, Викиликс објави видео од американски воен хеликоптер кој убива цивили во главниот град на Ирак, како и информации за стотици цивили убиени за време на американската инвазија на Авганистан.

Британската полиција го уапси Австралиецот во 2019 година во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што престојуваше седум години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ