вторник, 22 октомври 2024

Австралиски писател доби условна смртна казна по тајно судење во Кина

Австралиско-кинескиот писател Јанг Хенџун доби условна смртна казна од кинескиот суд, пет години откако беше уапсен и обвинет за шпионажа, пишуваат денеска светските агенции.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според австралиските власти, казната може да биде сменета во доживотен затвор по две години.

Д-р Јанг – научник и романсиер кој пишуваше блог за кинеските работи – ги негира наводите против себе, кои никогаш не беа јавно објавени.

Австралиската влада, која побара негово ослободување, е згрозена од одлуката и најостро ќе го пренесе својот одговор до Пекинг, рече министерката за надворешни работи Пени Вонг.

„Постојано повикуваме на основните стандарди на правдата, процедурална праведност и хуман третман за д-р Јанг, во согласност со меѓународните норми и законски обврски на Кина. Нема да попуштиме во нашето залагање“, нагласи таа.

Д-р Јанг, кој претходно работел за кинеското Министерство за државна безбедност, во своите дела се залагал за демократија, но често избегнувал директна критика на владата во тие текстови.

57-годишникот беше уапсен на аеродром во Гуангжу во јануари 2019 година и обвинет за шпионажа. Неговиот случај оттогаш главно се одвива зад затворени врати, вклучително и тајно судење во 2021 година.

Австралиските власти честопати изразуваа загриженост во врска со третманот на д-р Јанг, но беа предупредени од кинеското Министерство за надворешни работи да не се мешаат во случајот и да го почитуваат судскиот суверенитет на нацијата.

Додека бил во притвор, Јанг бил испрашуван повеќе од 300 пати и бил подложен на интензивна тортура шест месеци, соопшти неговото семејство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ