петок, 18 октомври 2024

Австралијка ослободена по 20 години затвор за убиство на своите четири бебиња: Научниците откриле генетски проблем

На жена од Австралија која помина дваесет години во затвор откако беше погрешно прогласена за виновна за убиство на своите четири деца, сега и официјално ѝ беше поништена пресудата. Нејзините адвокати побарале значителна отштета, пишуваат странските медиуми.

Објавено на

часот

Сподели

Кетлин Фолбиг беше помилувана и ослободена во јуни оваа година по препорака на судијата Том Батурст, кој ги преиспита сите докази презентирани на нејзиното судење во 2003 година и најде „разумно сомневање“ за нејзината вина.

Но, беше потребна официјална одлука од Кривичниот апелационен суд во Нов Јужен Велс за да се укине пресудата и судискиот совет денеска одлучи дека таа треба да биде ослободена од сите обвиненија.

Фолбиг им се заблагодари на сите што неуморно работеа за да ја убедат владата и правниот систем на Нов Јужен Велс дека новите научни докази гарантираат нова истрага за нејзините обвиненија.

Фолбиг беше осудена во 2003 година врз основа на три точки од обвинението за убиство и едно убиство од небрежност за смртта на четири бебиња во текот на една деценија од 1989 година. Физички докази дека Фолбиг ја предизвикала смртта на децата немало.

Поротата се потпирала на аргументот на обвинителството дека шансите четири бебиња од исто семејство да умрат од природна смрт пред да наполнат две години се исклучително мали, речиси невозможни. Ја земале предвид и содржината на нејзиниот дневник кој изолирано се толкува како признавање на вина.

Нова истрага беше покрената минатата година откако се појавија нови научни докази кои генетски ја објаснуваат смртта на децата. Научниците откриле дотогаш непознат мутиран ген кај нејзините две ќерки, кој можел да биде фатален.

Кетлин Фолбиг имала само 20 години кога се омажила. Една година подоцна го родила Кејлеб, кој живеел само 19 дена. Следната година, семејството Фолбиг доби уште еден син, Патрик, кој починал на осум месеци. Две години подоцна, Сара починала на 10 месеци. Потоа, во 1999 година, четвртото и најдолговечно дете на семејството Фолбиг, Лора, почина на 18-месечна возраст.

Полициската истрага за смртта на децата започна откако Лаура почина. Но, поминале повеќе од две години пред Фолбиг да биде уапсена и обвинета. Во овој период, нејзиниот брак пропаднал, а сопругот на Кетлин соработувал со полицијата за да подигне обвинение против неа.

Обвинителите тврделе дека дневниците што тој ѝ ги предал на полицијата ги содржеле најдлабоките мисли на мајка обземена од вина поради својата улога во смртта на сопствените деца. При прегледот на посмртните останки на бебињата не се пронајдени физички докази дека мајката ги убила децата, но со оглед на тоа што нема други објаснувања за смртта на малите деца, сомнежот се свртел кон Фолбиг.

Првите три смртни случаи првично биле припишани на синдромот на ненадејна смрт на доенчиња (СИДС), термин кој се користи кога бебиња под една година умираат без очигледна причина.

Со 18 месеци, Лора била најстарото од нејзините деца, а полицијата започна истрага откако форензичарот причината за нејзината смрт ја одредил како „неутврдена“. Мајката беше обвинета и осудена, медиумите ја прогласија за „најлошиот сериски убиец во Австралија“, пишува Си-ен-ен, додавајќи дека Фолбиг е осудена врз основа на лажна претпоставка на дискредитиран британски педијатар кој тврдел дека една ненадејна смрт на бебе во семејството е трагедија, две се сомнителни, а три смртни случаи се убиство.

Адвокатката Рани Рего рече дека адвокатскиот тим на неправедно осудената мајка сега ќе бара отштета, која таа предвиде дека ќе биде значителна.

„Не сум подготвена да дадам бројка, но таа ќе биде повисока од која било значајна исплата што била направена претходно“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ