петок, 18 октомври 2024
Заврши седницата на Кризниот штаб на Град Скопје

Арсовска: Се работи на расчистување на сметот, Мицкоски вечерва е разобличен

Објавено на

часот

Сподели

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, каде неколку дена има протест поради што не се собира сметот, според Арсовска, веќе е во нормала и функционира смената.

„Се надеваме дека веќе од утре ќе работи со целосен капацитет“, изјави Арсовска. 

Во изјава за медиумите, Арсовска обвини дека мафијашки структури неколку дена ја блокираат работата на ЈП „Комунална хигиена“ поради лични интереси.

„Се работи за лица кои повеќе од 15 години работеле само една смена и тоа трета смена во претпријатието спротивно на закон и на колективниот договор. Поголем дел од нив кои биле вработени на овој начин воопшто не се појавувале на своите работни места и не ги извршувале своите работни обврски. Сега дел од истите ја блокираа работата на комуналното претпријатие и не дозволуваат сите останатите 1.300 вработени да можат да ја извршуваат својата работа. Иако нема законски најавено штрајк, иако поголем дел од овие лица повеќе не се вработени во ова претпријатие, тие сепак извршија мафијашка блокада“, рече Арсовска.

Според Арсовска, оваа ситуација ја искористиле градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ за ситни политички поени, а на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му порача дека вечерва е разобличен со тоа што сака да креира проблеми, а потоа да се претставува дека ги решава. 

„Заврши времето кога овие градски претпријатија беа третирани како нечија лична и приватна сопственост и наместо во интерес на граѓаните, работеа за интересот на малкумина. И на крај сакам да му порачам на Христијан Мицкоски дека вечерва е разобличен затоа што за бескруполозноста за евтини политички поени сака да креира проблеми за граѓаните, а потоа сака да се претставува дека ги решава. Таквите политичари се најголемото ѓубре што овој град ги видел и ние вечерва со чистењето на ѓубрето ќе почнеме да ги чистиме и нив“, рече Арсовска. 

Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара да се преиспита деловната способност на Арсовска.

Ја разбираме специфичната состојба во која се наоѓа Данела Арсовска, иако не ја оправдуваме истата. Веројатно ѓубрето е помалиот дел од проблемот, туку личноста со слични карактеристики на него, која го води градот. Оттука изразуваме сериозен сомнеж за деловната способност на Арсовска да го води градот. Нема претпријатие кое не го упропасти, а последниот случај покажа дека ЈП Комунална хигиена може да работи само во тесна соработка со полицијата на Спасовски. Данела Арсовска потребно е да даде оставка и да престане да го измачува Скопје“, изјави вечерва Мицкоски.

На прес конференцијата, Арсовска презентираше документ на којшто се гледа дека од една фамилија во Комунална хигиена биле вработени над 40 лица, а од друга фамилија над 30 лица.

Во меѓувреме откако чекаа час и половина, градоначалниците на општините Кисела Вода и Аеродром, Орце Ѓорѓиевски и Тимчо Муцунски вечерва го фрлија отпадот од камионите пред капиите на ЈП Дрисла, откако одговорните на ова јавно претпријатие одбија да го примат отпадот кој скопските градоначалници го собраа со помош на механизација од другите градови.

јј

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ