недела, 24 ноември 2024
Интерпелација за работата на претседателот на Собранието

Апасиев: Гаши ја погази правната и секуларната држава – Гаши: Левица е радикална партија која шири албанофобија

Седницата на Собранието на Македонија денеска започна со интерпелацијата за работата на претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, поднесена од Левица, која на предлог на Гаши беше ставена како прва точка на дневниот ред. Апасиев во својот говор рече дека Гаши за кустото време откако е на функцијата ја погазил и правната и секуларната држава и дека не го почитува ниту македонскиот јазик, ниту државното знаме. Гаши ги отфрли сите наводи од интерпелацијата и оцени дека Левица е радикална партија која сака да внесе поделби во општеството и да ја скршне државата од НАТО и ЕУ.

Објавено на

часот

Сподели

Интерпелацијата ја образложи пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев. Тој веднаш на почетокот рече дека мајстор за скандали беше претходниот спикер, Талат Џафери, но дека Африм Гаши, за само 100 дена, го надмина претходникот со серија скандали и однесувања.

Како прво, според Апасиев, Гаши ја погазил секуларноста на државата, дозволувајќи верски обред во собраниската сала „Борис Трајковски“, односно молитва, како што рече тој.

Овој навод во образложението на интерпелацијата на Апасиев се однесуваше на  одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница, .

„Тоа беше повреда на секуларност на државата без преседан. Собранието на Република Македонија го направивте центар на антисекуларност. Можеби ќе треба да отворите и соба за крштевски и сунети, па Собранието да стане целосно религиски центар. Во Уставот се наведени верските заедници и религиски групи како одвоени од државата. Вие го прекршивте важното начело на секоја правна држава дека верските чувства се лични, интимна работа. Така во правните држави кои немаат уставно определана државна религија права имаат и нерелигиозните групи. Лаичката држава е погазена. Ги погазивте и чувствата на другите присутни во салата, кои не се од таа верска припадност или немаат верска припадност“, рече Апасиев.

Тој додаде дека поранешниот премиер Никола Груевски сакаше да воведе веронаука во државните училишта, но дека одговорот на Уставниот суд беше дека тоа не е дозволиво да се воведе како предмет, односно дека државата не може да се меша во религиски работи.

„Секој има слобода да го определи своето верско убедување или да нема верско определување и има право да учествува или да не учествува во верски обреди. Државата според Уставо мора да задржи верска неутралност, а вие токму спротивно направивте, дозволивте и учетствувавте во верски активности во Собранието на Македонија. Го повредивте секуларизмот“, рече лидерот на Левица.

Апасиев се повика на одлуки на Судот за човекови права во Стразбур со кои се потврдува дека такво однесување, како што нагласи, претставува опасност за правниот поредок.

„Вие направивте и верска дискриминација бидејќи припадници на други вери принудивте да бидат присутни на еден верски обред. Опстанокот на современите држави зависи од лаицизмот на државата. Никој нема право да забележи на практикување на верски обреди, но согласно сите правни документи, вие направивте неуставен и незаконски чин. Зошто? Затоа што верски обред се врши во верски објект, а Собранието не е верски објект“, рече Апасиев.

„Освен тоа, наводно станувало збор за настан организиран од припадници на наводно невладиниот сектор предводени од Мерсида Исмаиловиќ, која е  контроверзна личност и која со нејзиниот сопруг ми се има заканувано и мене. Но, таа беше облечена во верска облека во државен објект, што е незаконски во државна институција, според македонските закони. Да ве потсетам, со хиџаб таа држеше говор на настан на Социјалдемократите на Зоран Заев“, рече Апасиев.

Тој потоа се осврна, како што рече, на дипломатскиот скандал на Скопскиот аеродром.

„Вашето собраниско обезбедување спроведе улична правда на аеродромот, божем за заштита на косовската претседателка“; рече Апасиев.

Потоа, пратеникот од Левица се осврна и на Законот за македонски јазик, со тврдење дека Гаши во Собранието го крши, па дури и не сака, како што нагласи, неговото име да биде преведено, односно напишано на кирилица.

„Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Македонија. Го истиснувате македонскиот јазик како да е Македонија федерација. Собраниските материјали не смеете да ни ги доставувате на албански јазик на нас пратениците кои не сме Албанци“, порача Апасиев.

Тој потоа се осврна и на истакнувањето, како што нагласи, на туѓи знамиња во Собранието на Македонија.

„Во државни институции, како што велат Уставот и законите, се истакнува само знаме на државата, на Македонија, а тоа значи дека не може тука во Собранието да стои знамето на НАТО ниту на ЕУ“, рече Апасиев.

Тој потоа наведе и дека Гаши прекршил четири закони кога дозволил Талат Џафери во исто време да биде и премиер и пратеник.

„Потрошивте 16 илјади евра кога заминавте на НАТО самитот во Вашингтон, заедно со својата сопруга, на што немавте законско право. Не знам зошто во делегацијата не ве покани премиерот Мицкоски, па создадовте паралелена делегација? А, свадата на Косово му ја оставаме на премиерот Христијан Мицкоски. Тој нека ја толкува“, рече на крајот од својот говор пратеникот Димитар Апасиев.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши веднаш даде одговор на изнесената интерпелација.

„Не кријам ништо и сакам да има дискусија. Мотивите на Левица имаат идеолошка рамка. Тоа е партија која теоретски треба да се залага за еднаквост на граѓаните, но во пракса тоа е радикална партија. Да се биде гласен е летигимно, на да се креираат поделби во општеството е лошо за државата и за младината“, рече спикерот Гаши .

Да се креираат поделби може да биде фатално за оваа држава, наглси тој.

„Тие што се против европскиот пат ја загрозуваат нашата визија за просперитетна држава. Интерпелацијата е полна со албанофобија и исламофобија и се наѕира дека тие се против тоа Албанци да бидат носители на државна функција. Откаде ваква омраза кон Албанците? Мора да престанеме да се делиме поради нашите различности. Тоа треба да биде богатство за општеството. Дали не гледате оти децата ни бегаат од државата токму поради вакви појави?“, рече Гаши.

Претсдателот на Собранието истакна дека не држи тврдењето за повреда на секуларноста на Собранието.

„Тоа беше одбележување на Меѓународен ден од геноцидот во Сребреница. Тоа беше настан организиран во Собранието но од невладина организација за изразување почит кон жртвите од Сребреница. Чинот на изразување почит и сеќавање беше чест за нашата држава и апсолутно не е поврзан со со секуларноста на државата. Фокусот го ставате кон едноминутното молчење. Немаше верска молитва, туку молчење на секој по свој избор. Освен тоа Уставот гарантира слободно изразување на верата. Овде тврдењата во интерпелацијата имаат социјалистички корен“, рече Гаши.

Тој се осврна и на инцидентот на Скопскиот аеродром и нагласи дека неговата одлука била во насока на смирување на тензиите што се создале.

„Како претседател на Собранието морам да имам обезбедување. Јас планирав да отидам на аеродромот, а според безбедносниот протокол, обезбедувањето мора претходно да изврши проверка. Во однос на конкретниот настан, горд сум што се обидов да ги смирам состојбите и да не се стават под знак прашалник односите со Косово. Левица не може да се помири со фактот дека Македонија го призна Косово како држава. Нема да дозволам заради вашите фрустрации да се злоупотребуваат државните институции“, рече спикерот Гаши.

Во однос на употребата на македонскиот и албанскиот јазик, Гаши рече дека сите законски одредби како и одредбите од Деловникот тој ги почитува и нагласи дека зборува на седниците и на македонски и на албански јазик.

На тврдењето дека не може да се употребува знамето на НАТО, Гаши рече дека Македонија е членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ.

„Сите знаеме дека сте против НАТО иако НАТО го гарантира мирот“, рече Гаши.

Согласно законите и Деловникот, рече при крајот Гаши, се верификувани мандатите на пратениците, одговарајќи на тврдењето дека Талат Џафери незаконски бил и премиер и пратеник во исто време.

„Ова не е интерпелација против Гаши, туку против етничката припадност на претседателот на Собранието“, оцени на крајотпретседателот на Собранието и рече дека зборувал со мирна и чиста совест.

„Како ќе одлучите, тоа ќе го прифатам, вашата одлука ќе значи дека е најдобрата.А сега ќе се повлечам од салата за да не влијаам на натамошната расправа, но ќе ја следам од кабинетот“, рече Гаши и замина од салата.

За дискусија се пријавија поголем број на пратеници. Како што е веќе познато, ставот на коалицијата на СДСМ е дека ќе гласаат за разрешување на Гаши од функцијата, додека ставот на владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ е дека со гласање ќе ја отфрлат.

Талат Џафери од ДУИ рече дека пратениците од коалицијата Европски сојуз нема да се произнесат по однос на интерпелацијата, оценувајќи дека во неа има албанофобија.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ