вторник, 22 октомври 2024

Анкети во Франција: Национален собир со дури 37 отсто гласови, потенцијално апсолутно мнозинство

Според истражувањето на јавното мислење објавено денес, 28 јуни, во весникот Екос, два дена пред првиот круг на гласањето на парламентарните избори, француската крајно десничарска партија Национален собир (РН) би можела да освои дури 37 отсто од гласовите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа е пораст на популарноста на РН за два процентни поени во однос на последната анкета, која ја објави Опинјон веј пред една недела.

Според истражувањето од петок, центристичкиот блок на претседателот Емануел Макрон Заедно може да смета на 20 отсто, што е два отсто помалку во однос не претходната прогноза.

Левичарскиот сојуз Нов народен фронт достигнал 28 отсто од гласовите, како пред една недела.

Опинјон веј не направил проекции на местата за следниот состав на собранието на Франција кој би можел значително да се разликува од анкетите поради мнозинскиот систем на гласање во двата круга.

Телевизијата БФМ, во друга анкета составена од Елабе, наведува дека РН потенцијално би можел да ја помине границата од 289 места за апсолутно мнозинство, ставајќи ги партијата и нејзините сојузници во распон од 260 до 295 места.

Премијата на ризикот на француските државни обврзници порасна на највисоко ниво од кризата во еврозоната во 2012 година.

Конечниот исход ќе биде познат по гласањето на 7 јули и тешко е да се предвиди исходот кој прилично ќе зависи од тоа во која мера ривалите на РН ќе се здружат и ќе ги повлечат сопствените кандидати во вториот круг за да ја блокираат крајната десница.

Премиерот Габриел Атал го обвини вчера лидерот на РН Жордан Бардела дека толерира расистички говор во редовите на својот крајно десничарски табор на бурната последна телевизиска дебата пред гласањето. Бардела ги отфрли овие обвинувања.

Макрон го распушти парламентот откако неговата партија освои само 15,7 отсто од гласовите на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни, а Национален собир 32 отсто.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ