И вториот денешен натпревар во Групата Ц заврши без победник и со идентични 1-1.
Англија повторно не блескаше, па Данска се избори за бод и си ги зголеми шансите за прогрес во нок-аут фазата.
Резултатот беше отворен во 18. минута, една топка среќно дојде до Кејн, но рутински ја затресе мрежата за 1-0. Голема заслуга за голот има и Кајл Вокер, кој украде една топка.
Но слично како и на мечот со Србија, „Трите лава“ се повлекоа по водството, па Данска стигна до изедначување во 34. минута, Хјулманд прекрасно погоди од 30 метри за огромна радост.
Во продолжението од мечот, Англија никако не успеаваше да се наметне, а Данска во финишот имаше и прилики да го изненади фаворитот, но Бах беше неодлучен во една добра акција, а Кристенсен промаши по еден корнер од солидна позиција.
Среќата си ја проба и Хојбјерг со удар од работ на шеснаесетникот, но и тој не беше прецизен.