На сесијата посветена на состојбата на дигиталниот развој, предизвиците и можностите на новите трендови, Андоновски истакнал дека во Македонија дигиталната индустрија придонесува со над 5% во БДП, и дека оваа бројка оди во нагорна линија.
„Нашата цел е да го забрзаме овој раст со инвестирање во вештачка интелигенција, сајбер безбедност и дигитална инфраструктура, осигурувајќи дека секој граѓанин има пристап до брзи, сигурни и безбедни дигитални услуги. Гледајќи напред кон 2025 година, нашата следна пресвртница е да ги прошириме дигиталните владини услуги и да развиеме иницијативи за паметни градови, системи за дигитален идентитет и автоматизација на ВИ. Ние не сакаме само да бидеме во чекор со дигиталната револуција – сакаме Македонија да стане лидер во дигиталното управување во Западен Балкан“, изјавил министерот Андоновски.
Министерот додал дека и дигитализацијата не се простира само во рамки на државните граници, и оти затоа Македонија е посветена на регионална соработка во делот на Дигиталната агенда за Западен Балкан и усогласувањето со дигиталните политики на ЕУ.
„Со споделување на најдобрите практики, усогласување на регулативите и инвестирање во прекугранична инфраструктура, можеме колективно да ја забрзаме дигиталната трансформација низ земјите од Југоисточна Европа“, рекол министерот за за дигитална трансформација.
Тој дополнил и дека дигиталната трансформација мора да се изгради на три столба.
„Дигиталната трансформација мора да се изгради на три столба: поврзаност, сајбер безбедност и инклузивност. Ако ги обезбедиме сите три, ќе создадеме поконкурентна, поиновативна и поподготвена Македонија за иднината“, истакнал министерот Андоновски во обраќањето.