недела, 27 октомври 2024

Американските власти објавија снимка од бел полицаец како ѝ пука во лице на црнкиња

Американските власти објавија видео на кое се гледа како бел полицаец од Илиноис пука во лицето на црнкиња, убивајќи ја, откако таа повикала полиција стравувајќи од провалник во нејзиниот дом.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Соња Меси (36) била убиена од полицаецот Шон Грејсон во нејзиниот дом во Спрингфилд, главниот град на државата Илиноис, во почетокот на месецот, пишува Гардијан.

Таа повикала полиција затоа што мислела дека некој се обидува да провали во нејзината куќа, а на местото на настанот биле испратени Грејсон и неговиот партнер.

За време на разговорот, Грејсон забележал тенџере со зовриена вода на шпоретот и ѝ наложил на Меси да го тргне за да не избие пожар, истовремено оддалечувајќи се од жената.

Кога го прашала зошто се движи, полицаецот низ смеа ѝ објаснил дека не сака да изгори, а таа му одговорила дека „ќе му се спротивстави во името на Исус“.

Грејсон потоа го извадил пиштолот и почнал да ѝ приоѓа на жената, која се криела зад пултот со кренати раце, велејќи „Извинете, извинете“.

Полицаецот ја застрелал трипати, погодувајќи ја под окото, со изговор дека се плашел да не му фрли врела вода во лице.

Меси починала во истата болница како и нејзиниот предок Вилијам Донеган, кој бил линчуван од белите Американци во немирите во Спрингфилд во 1908 година.

Грејсон е уапсен и обвинет за убиство од прв степен и е задржан без кауција во очекување на судењето.

Гардијан наведува дека ретко се случува полицаец да биде уапсен за убиство на граѓанин, а таков случај не ѝ беше познат на пошироката јавност по убиството на Џорџ Флојд во 2020 година, кое предизвика масовни протести низ САД.

Претседателот Џо Бајден издаде соопштение во кое ја нарече Меси „сакана мајка, пријателка, ќерка и млада црнкиња“, која „денес требаше да биде жива“, и нагласи дека на нејзиното семејство му е потребна правда.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ