четврток, 24 октомври 2024

Американски разузнавачи: Русија, Кина и Иран поттикнуваат поделби во САД пред изборите

Русија, Кина и Иран планираат да шират поделби меѓу Американците пред изборите на 5 ноември и можно поттикнување насилства откако гласачите ќе излезат на гласачките места, соопштија американски разузнавачки службеници.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Службениците, кои ги известиле новинарите за безбедноста на американските избори, кажале дека странски агенти би можеле да се определат за физички закани и насилство, и дека веројатно ќе спроведуваат операции за дезинформирање за да создадат несигурност и да го поткопаат изборниот процес.

„Странски актери, особено Русија, Иран и Кина, планираат да пуштат наративи за да ги поделат Американците и да ја поткопаат довербата во американскиот демократски систем. Овие активности се во согласност со тоа што овие актери го сметаат за свој интерес, иако нивните тактики непрекинато се развиваат“, кажал службеник на Канцеларијата на директорот на националната разузнавачка служба (ОДНИ).

Додаде дека „спроведувачите на влијанието“, „особено од Русија, Иран и Кина“, научиле од претходни искуства од изборите во САД и дека се подобро подготвени за искористување на приликите за предизвикување немири.

Тие актери би можеле да ги употребат истите алатки кои ги употребувале во предизборниот период, особено информациите и кибернетичките операции, но би можеле да размислат и за физички закани и насилство, изјавил службеникот на разузнавачката агенција.

Сепак, американската разузнавачка заедница не забележала соработка меѓу Русија, Кина и Иран околу активностите за влијаење на изборите, кажал службеникот. И додека странски агенти би можеле да се обидат да го попречат процесот на денот на изборите, поттикнувајќи незадоволство, изборниот систем е доволно сигурен за да не можат да влијаат на исходот на изборите, проценува изворот.

„Некои странски актери можат да поттикнат протести и насилно дејствување за време на постизборниот период“, кажа службеникот на ОДНИ. „Иран и Русија се спремни барем да разгледаат тактики за да придонесат на такво насилство“.

Декласифицираниот меморандум кој по брифингот го објави Националниот разузнавачки совет (НИЦ), највисокото тело на американската разузнавачка заедница, предупредува дека странски оперативци речиси сигурно ќе шират лажни тврдења за изборни неправилности по гласањето.

Би можеле да се послужат и со кибернетички напади и шпионажа за да попречат ли изменат вести и јавни владините сајтови со цел поттикнување конфузија за резултатите и ширење дезинформации за пребројувањето на ливчињата, особено при неизвесен резултат.

Руската амбасада и иранската мисија во Обединетите нации не одговорила на барањата за коментар, а портпаролот на кинеската амбасада кажал дека Кина нема намера да се меша во изборниот процес и дека се надева дека кој и да победи на изборите, „ќе биде посветен на изградбата на здрави и стабилни кинеско-американски односи“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ