недела, 20 октомври 2024

Aкција за подигање на свесноста за ракот на дојка, стотина жени на Титов Врв

По повод месецот октомври, кога се организираат бројни настани за подигање на свесноста за ракот на дојка, се одржа и планинарската тура „Титов Врв со панделка“. Стотина жени вчера се искачија на највисоката точка на Шар Планина во организација на планинарскиот клуб Х20 од Скопје и повеќе клубови низ државата. Жените планинарски водичи на овој начин се одлучиле да придонесат за оваа кампања.

Објавено на

часот

Сподели

„Акцијата ја почнавме во услови на намалена видливост и иако во одредени моменти помислувавме дека можеби треба да се откажеме и вратиме, надежта и истрајноста ни покажаа дека кога нешто сакате силно и искрено, целиот универзум се сплотува и соработува во ваша корист. Штом ја надминавме границата од 2.000 м.н.в. не дочека долго очекуваното сонце кое не затопли и ни ги врати ведрината и насмевките и уживањето можеше да почне“, изјави Сибел Јакуповиќ планинарски водич од планинарскиот клуб Х20-Скопје.

На турата, највозрасна учесничка била жена на 74 годишна возраст. Меѓу нив имало самохрани мајки, некои мајки биле со нивните бебиња, а имало и ќерки со нивните мајки.

„Целта не беше Титов Врв, целта беше истрајноста низ сите предизвици, низ маглите и темнините кои секоја од нас ги поминала или поминува. Имаше жени кои покрај сите здравствени и животни предизвици извојуваа уште една борба со себе. Имавме жени кои извојувале победа над ракот на дојка, имавме жена која со вештачки колк ни одржа лекција за тоа што значи да си жена и да си борец“, посочи Јакуповиќ.

Турата ја организираше тим составен планинарските водичи Сибел Јакуповиќ, Славица Јованоска, Снежана Новаковска, Јасмина Антиќ, Розе Настоска, Билјана Донева, Елена Ванчоска Секулоска, Јасмина Ристовска, Ирена Савевска, Катерина Станковиќ, со логистичка поддршка од Марина Стоиловска и Екатерина Лукарова.

Акцијата e поддржанa и од Федерацијата за планинарски спортови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ