Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги доби резултатите од земените мостри вода од 8 мерни места во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор на акумулацијата „Турија”, на 4 октомври. Од оваа акумулација ЈКП „Комуналец” Струмица ја обезбедува водата за градскиот водовод . Во одговорот од АХВ се додава дека мострата вода после таложник, земена од Фабриката за обработка на вода Струмица не е безбедна, поради утврдена зголемена содржина на амонијак и манган, исто како и земените мостри од ЈКПД „Комуналец Стопански двор“ Струмица и мострата од резервоар Свети Петнаесет – Струмица.
„Поради зголемени вредности на параметрит: матност и присуство на амонијак не е безбедна ниту сировата вода земена од Фабриката за обработка на вода –Струмица, а поради зголемена матност, присуство на амонијак над дозволените граници и утврдено значително зголемено присуство на манган, небезбедна е и мострата вода која е земена фабриката за обработка на вода од ЈКПД „Комуналец“ Струмица земена пред таложник“, стои во информацијата од АХВ.
Се потенцира дека зголемена содржина на манган е утврдена и кај анализираните мостри вода земени после филтри од ЈКПД „Комуналец“ Струмица, Фабрика за обработка на вода, површинска вода – зафатна вода од акумулација „Турија“, кај која е утврдено и зголемена матност. Согласно резултатите од ЈЗУ Институт за јавно здравје, ниту овие две мостри не одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри од физичко – хемиската анализа.
„Поради небезбедност, на сила останува изречената забрана од Агенцијата за храна и ветеринарство за употреба на водата за пиење од водоводната мрежа на ЈКПД „Комуналец“ од Струмица“, се наведува во информацијата.
Инаку, Струмица и шест населени места веќе дваесет денови се без вода за пиење, а од 8 овој месец водата за пиење е забранета за употреба и во Општина Василево, која исто така со вода се снабдува од акумулацијата „Турија“.