вторник, 22 октомври 2024

Агенцијата на ЕУ предупредува на подолги и посилни топлински бранови, можна појава на маларија

Објавено на

часот

Сподели

Во јужна Европа може да има повеќе од 60 летни денови во кои условите се опасни по здравјето на луѓето, што значи повеќе смртни случаи и хоспитализации, особено на старите и болните, доколку не се спроведат мерки за адаптација.

„Топлинските бранови се најсмртоносните екстремни временски настани во Европа и зголемената ранливост на европското население поради стареењето и урбанизацијата бара итна акција за да се спречи загуба на животи“, соопшти ЕЕА.

Поголеми количества врнежи се предвидуваат и во поголем дел од Европа, кои ќе предизвикаат поголеми поплави, особено во северозападните и централните делови на континентот.

ЕЕА потсетува дека поплавите од 1980 до 2021 година предизвикале штета од речиси 258 милијарди евра и дека оваа сума секоја година во просек расте за повеќе од 2%.

Повеќе од половина Европа е погодена од екстремни суши и во зима и во лето од 2018 година, а минатата година сушите значително го намалија приносот на пченка, соја и маслинки.

„Уште една сушна зима не навестува ништо добро ова лето и изгледите се песимистички. Исклучително сувата и топла зима значеше ниска снежна покривка и резултираше со ниска влажност на почвата, низок протек на реките и помалку вода во резервоарите низ поголем дел од јужна и западна Европа“, соопшти ЕЕА.

Агенцијата предупредува дека долгорочните климатски проекции укажуваат дека јужните и централните делови на Европа ќе станат уште посуви и потопли во овој век, со катастрофални последици за земјоделскиот сектор.

Вкупните економски загуби во сите економски сектори поврзани со сушата се очекува да се зголемат до крајот на векот од сегашните девет милијарди евра годишно на 25 милијарди евра со пораст на температурата за 1,5 степени. Се проценува дека со глобалното затоплување од два степени, загубите би биле 31 милијарда евра годишно, а со три степени – 45 милијарди евра.

Сувите и многу топли периоди со силен ветер влијаеле и на ширењето и влијанието од пожарите. Најмногу шумски пожари имало на југот на Европа, но сè повеќе ги има во централна, па дури и во северна Европа.

Според најтешкото сценарио, јужна Европа, особено Пиринејскиот Полуостров, ќе доживее значително зголемување на бројот на деновите со висока опасност од пожари. Бројот на луѓето што живеат во непосредна близина на дивината и се изложени на ризик од пожар најмалку 10 дена годишно би се зголемил за 15 милиони во случај на глобално зголемување на температурата за три степени.

ЕЕА, исто така, предупредува дека потоплата клима носи ризик дека ендемичните и инвазивните животински видови што носат болести може да се шират на север или на повисоки надморски височини отколку што беше случај досега.

Исто така, се предвидува дека ќе се зголеми климатската поволност за тигрестите комарци, кои го пренесуваат вирусот на денга-треската, во големи делови од Европа, особено во Западна Европа, која до крајот на веков може да стане жариште на комарци.

Маларијата би можела повторно да се појави во Европа поради широкото присуство на комарци што го носат вирусот.

ЕЕА покрена нова веб-страница што ги објаснува најголемите климатски промени поврзани со временските услови, а корисниците можат да користат интерактивни мапи и графикони за да истражуваат информации за топлински бранови, поплави, суши и пожари што веќе се случиле, што да очекуваме и колку сме подготвени да се соочиме со тоа.

„Целта е да се обезбедат најнови информации и податоци за да се подигне свеста кај носителите на одлуки и кај јавноста за итната потреба за справување со климатските промени и поддршка на владините напори за спроведување мерки за ублажување на климатските промени и подготовка на општеството“, соопшти ЕЕА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ