вторник, 22 октомври 2024

Агенциите на ОН немаат капацитет да помогнат во Газа

Дистрибуцијата на храна и медицински материјали во Газа се соочува со огромни проблеми поради хроничниот недостиг од гориво, грабежите на продавниците, затрупаните улици од израелското гранатирање и пренаселеноста предизвикана од раселувањето на цивилите.

Објавено на

часот

Сподели

И покрај зголемувањето на залихите, бројот на хуманитарните камиони што влегуваат во Газа – во просек 14 дневно – е мал во споредба со 400-те камиони дневно што сообраќаа во нормалните времиња до население од 2,3 милиони луѓе, на кои сега очајно им требаат основните работи – како леб, рекоа хуманитарните претставници.

„Нивото на хуманитарна помош што е дозволено за Газа е целосно несоодветно и не е усогласено со потребите на луѓето во Газа, што придонесува за хуманитарната трагедија“, изјави вчера генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повторувајќи го повикот за воспоставување на хуманитарен прекин на огнот.

Агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци (УНРВА) соопшти дека околу 672.000 Палестинци се засолниле во училишта и други институции, а илјадници упаднале во хуманитарен склад за време на викендот за да добијат храна, што дополнително ја отежнало работата на агенцијата.

Според властите во Газа, повеќе од 8.525 луѓе загинале, а 800.000 луѓе биле раселени во текот на трите недели од израелското бомбардирање.

Портпаролката на УНРВА, Жилијет Тума, рече дека приоритет на нивната агенција е да им даде помош на најмалку 670.000 раселени лица во 150 засолништа, додека втор приоритет е да обезбеди брашно за пекарниците. „Немаме капацитет да направиме ништо повеќе од тоа“, рече таа. Бројот на раселените лица е четири пати поголем од она што УНРВА го планираше пред војната во случај на најлошото сценарио.

Таа објави и дека од 7 октомври досега се убиени 67 нивни работници, што е најголем број работници на ОН убиени во еден конфликт во толку краток временски период.

Извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, изјави дека меѓу палестинските жртви има повеќе од 3.400 деца, додека над 6.300 се повредени. „Ова значи дека повеќе од 420 деца се убиени или повредени секој ден во Газа – бројка што треба длабоко да нѐ потресе“, рече таа.

Дистрибуцијата на помошта е особено тешка во северниот дел на Газа, регионот што е главниот фокус на израелската воена операција, велат претставниците на хуманитарната помош, а некои агенции целосно ги прекинале сите испораки. Портпаролот на Светската здравствена организација (СЗО), Кристијан Линдмаер, вчера изјави дека СЗО не испратила помош до болниците во северна Газа од 24 октомври, наведувајќи го како причина недостигот од безбедносни гаранции. Тој посочи дека претстои катастрофа во јавното здравство поради масовното раселување и оштетувањето на водоводната и санитарната инфраструктура.

Рик Бренан, директор на СЗО за регионални итни случаи, изјави за Ројтерс дека условите се критични со 1,4 милиони раселени лица во толку густо населена област. „Хигиената е страшна. Само што разговарав со колега од УНРВА и ми рекоа дека условите за живот се нехумани. Каде одат луѓето во тоалет? Како се отстранува целиот отпад?“ Тој посочи дека ваквите состојби се погодни за појава на болести како дијареа и респираторни и кожни инфекции како шуга.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ