„Веднаш беа повикани инспектор од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, кои направија целосен увид на лице место и ја отпочнаа постапката за обдукција на угинатите единки. Причината за смртта ќе биде соопштена кога ќе бидат направени сите анализи и ќе ги добиеме резултатите од обдукцијата“, се наведува во објавата на Фејсбук на ЗОО Скопје.
На ова реагираа и од ЛДП.
„Во вторникот на 11 февруари, при утринска контрола во Зоолошката градина затекнати се угинати животни, берберски овци, кои се последните жртви од лошото менаџирање како со Зоолошката градина, така и со градот од страна на градоначалничката Арсовска. За неполн мандат сведоци бевме на кланица на коњи за храна во градината и крвта на Илинденска, угинаа жирафите, слоницата, Царскиот орел, лавот Жика, потоа угинаа ретките и заштитени Пржевалски коњи и имаше епидемија на птичји грип, за еве денес да слушнеме дека минатата недела угинал уште еден вид на ретки животни“, изјави претседателот на Градската организација на ЛДП, Филип Јакимовски.