недела, 20 октомври 2024
Според спроведени симулации

5 планети слични на Земјата може да се скриени во надворешните предели на сончевиот систем

Младото сонце можеби дофатило неколку егзопланети со големина на Марс или Меркур што сега орбитираат во надворешните предели на сончевиот систем, но нивното откривање ќе биде исклучително тешко.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Повеќето астрономи се согласуваат дека во нашиот сончев систем има само четири копнени, или карпести, планети, од кои сите се наоѓаат блиску до Сонцето. Но едно ново истражување вели дека на надворешните граници на сончевиот систем може да има уште пет планети.

Слободно лебдечките планети (free-floating planets, ФФП-и) се објекти со големина на планети што не орбитираат околу ѕвезда. Наречени и одметнати планети, ФФП-ите или се формираат од купчиња гас што не се поврзани со ниедна ѕвезда или се појавуваат околу ѕвезди, но се исфрлени од своите домашни орбити. Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (ЏВСТ) откри стотици одметнати планети во Млечниот Пат и подалеку, меѓу кои и танцувачки парови од планети со големина на Јупитер во соѕвездието Орион. Симулациите покажуваат дека повеќето ФФП-и веројатно се големи колку Марс.

Иако ѕвездите генерално ги отфрлаат овие одметнати планети, ѕвездите, исто така, би можеле да ги привлечат овие осамени скитници со својата гравитација, по што овие планети стануваат постојани тела што орбитираат околу членовите на еден сончев систем. Во новата студија, објавена на 18 декември 2023 година во Астрофизикал џурнал летерс, еден истражувач предлага дека нашето сонце, во својот зачеток, можеби привлекувало и карпести ФФП-и.

За да ја одреди веројатноста на ова, авторот на студијата, Амир Сирај, кандидат за докторат по астрофизика на Универзитетот Принстон и директор на универзитетската програма за студии за меѓуѕвездени објекти, користел неколку претходно развиени модели или збирки равенки, втемелени на набљудувања на ФФП-и. Претпоставувајќи дека нашата млада ѕвезда имала 1-на-50 шанси да зароби некоја одметната планета – што, истакна тој, е претпазлива проценка – Сирај спровел 100 милиони симулации, менувајќи ги факторите како обликот на орбитата за да одреди колку карпести светови Сонцето може да привлекло. За да го процени тој број во најлошото сценарио, Сирај претпоставил и дека околината на Сонцето при раѓањето била прилично мала и тесна, бидејќи во такви околности „привлекувањето планети е потешко“, напишал Сирај во мејлот до Лајв саенс.

Студијата покажала дека две планети со маса слична на Марс – или три до пет со маса слична на Меркур – може да живеат на приближно 1.400 астрономски единици (АЕ) од Сонцето. (Една АЕ е растојанието помеѓу Земјата и Сонцето.) Тоа значи дека заробените одметнати планети би биле во Ортовиот облак, хипотетички, џиновски меур од милијарди ледени објекти со големина на планина што го обвиваат сончевиот систем.

Потенцијалните нови планети се независни од планетата Икс, хипотетички свет сличен на Нептун, кој допрва треба да се открие, за кој се претпоставува дека орбитира на околу 43 АЕ од Сонцето. За разлика од новата студија, која се потпира на теорија, постоењето на планетата Икс научниците го предвидоа врз основа на набљудувањата на чудните траектории на објектите во Кајперовиот појас, област во облик на крофна со ледени тела што се протега од Нептун до Ортовиот облак.

И покрај тоа што заробените копнени светови најверојатно би биле повеќе слични на Земјата од планетата Икс, нивната населивост останува шпекулативна. Иако може да постои вода во облик на ледени плочи, сончевата светлина би била „многу слаба – колку месечевата светлина тука на Земјата“, вели Сирај. Но бидејќи потенцијалните планети доаѓаат од други ѕвездени системи, што значи се егзопланети, може да бидат предмет на идните вселенски мисии што ќе ги истражуваат егзопланетите.

Сепак, пронаоѓањето на овие потенцијални планети ќе биде уште потешко од откривањето на планетата Икс, бидејќи тие се многу помали и подалечни од оваа можна планета. Сирај верува дека опсерваторијата Вера Ц Рубин во Чиле, која е во изградба и треба да биде пуштена во употреба во 2025 година, може да открие некој поранешен ФФП што лежи поблиску од 700 АЕ – но само, истакна тој, ако тој „е на јужното небо и е доволно блиску до нас, со доволно високо албедо“, односно способност да ја рефлектира светлината што го осветлува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ