вторник, 22 октомври 2024

45-години од најстариот македонски ресторан во Англија

Најстариот македонски ресторан во континуитет надвор од границите на нашата татковина Македонија е ресторанот „Вардар“ на Петре и Лорета Стојановски од Англија кој денеска слави 45 годишен јубилеј.

Објавено на

часот

Сподели

Денешниот свет е опседнат со храна и брз начин на живеење, нови ресторани и концепти кои се отвораат преку ноќ и се затвораат многу брзо по нивното отворање. Статистиката нѝ дава податоци дека 60% од рестораните не ја преживуваат првата година, додека пак 80% не успеваат да опстанат подолго од пет години.

Македонскиот ресторан „Вардар“ во гратчето Литлхемптон во Сусекс, Англија му пркоси на овие статистики и опстана цели 45 години, во средина во која никој не разбира што значи ова „чудно“ име кое тешко може да се прочита, а уште потешко да се изговори.

Ресторанот „Вардар“ е навистина енигма за гастрономите и можеби предизвик за нова научна студија. Но, Петре и Лорета имаат едноставен одговор за тајната на нивниот семеен бизнис: Посветеност и љубов кон професијата, искреност и спремност да се исполнат желбите на гостите и квалитетната храна е девизата од која не треба да се отстапува никогаш и треба да биде мото за секој кој одлучил професионално да се бави со гастрономија“.

Ресторанот „Вардар„ се наоѓа во историски објект изграден од познатиот англиски архитект Вилијам Вајт

Тие со задоволство се присетуваат на нивниот тежок и неизвесен почеток на 19 јуни во далечната 1979 година, како се одлучиле да ја афирмираат македонската традиционална кујна преку името на нашата најдолга река која претставува културен, традициски и духовен симбол на сите радости и страдања на Македонците во својата историја.

Македонскиот Пол Бокуз

Нашите големи амбасадори на македонската кујна Петре и Лорета Стојановски сѐ уште зрачат со ентузијазам и позитивна енергија како од првиот ден на нивната веридба – еден моќен перпетум-мобиле тандем кој ги одржува во рамнотежа и го инспирира секој кој го пречекорил прагот на македонскиот ресторан „Вардар“ и ги запознал лично.

Запазувајќи го строгиот традиционален македонски бренд кој сѐ уште е под надзор на будното око на „македонскиот Пол Бокуз“ – мајстор Петре, македонскиот ресторан „Вардар“ е место на гости од три генерации од Литлхамптон и соседните градови Вортинг, Чичестер и Арундел, а гости доаѓаат и од Брајтон и Лондон.

Покрај афирмацијата на македонската кујна, за почит е хуманата димензија на семејството Стојановски и големиот број на донации и хуманитарните активности кои Стојановски ги иницирале или ги дале на болниците, децата со Даунов синдром и лицата со посебни потреби. Донатори се и во активностите на македонските здруженија и црковни општини во Англија и голем број на активности и помош испратени во Македонија.

По референдумот за независност на Македонија во 1991 година во ресторанот „Вардар“ се одржани голем број на состаноци на Македонците од културен и религиозен карактер и токму тука е формирана и Македонската асоцијација (заедница) во Обединетото кралство како и две црковни општини.

Во Литлхамптон денес живеат околу 150 Македонци обединети во црковната општина „Св. великомаченик Георгиј“ основана од Петар и Лорета Стојановски пред две и пол децении.

Георги Гоце Дуртаноски

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ