вторник, 22 октомври 2024

Зибери: Јавниот сектор не внимава на етничката и на половата застапеност при вработувањето

Скоро сите помалубројни заедници се застапени со скоро идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност, рече денеска на пресконференција Народниот правобранител , Насер Зибери кој го претстави Посебниот извештај за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност во јавниот сектор и Посебниот извештај од анализата на податоците за полова и образовна застапеност за 2022 година.

Објавено на

часот

Сподели

За потребите на ова истражување, како што посочи Зибери, биле доставени барања до вкупно 1.325 институции и органи, по кои за прв пат оваа година, добиени се одговори од сите нив во електронска форма.

„Карактеристично за овие институции е дека имаат вработено лица само од мнозинската, а кај некои и од втората по големина етничка заедница, и немаат вработено лица од помалите заедници, или пак, имаат вработено само мал број, при што не постои одредена процентуална застапеност посебно во раководниот кадар на помалите заедници“, рече Зибери. 

Тој констатираше дека скоро сите помалубројни заедници се застапени со скоро идентичен процент на вработени како и изминатите години, што според него, значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност.

Според Извештајот, во 2022 година, постои намалување на бројот на вработени и на збирно ниво е намален за 3.722 лица во споредба со минатата година, кога вкупниот бројот на вработени изнесувал 134.099, додека сега тој број е 130.377  лица. Во однос на минатата година, оваа година на збирно ниво забележано е намалување на бројот на вработени од македонската заедница за 0,9 отсто и истата била застапена со 71,9 отсто вработени во јавниот сектор.

Кај албанската заедница изминатата 2022 година забележано е зголемување на бројот на вработени во јавниот сектор за 0,8 отсто, што значи дека денес во јавниот сектор се вработени 21,4 отсто Албанци, 2,1 отсто Турци, 1,4 отсто Роми и о,7 отсто Бошњаци.

Според Зибери подобрување при вработувањето по полова и етничка застапеност имало во обвинителството, судството, социјалната заштита, самостојните државни органи, како агенции, дирекции, комисии.

Посебно сакам да истакнажам загриженост за неспроведување на оваа уставна и законска обврска во здраствениот сектор. Минатогодишните констатации дека состојбата е неповолна во Уставен Суд, Основен Кривичен Суд, Апелационен суд Скопје, Основно Јавно обвинителство Скопје, Академија за судии и јавни обвинители, МАНУ, музеи, Служба за општи и заеднички работи на Владата, Акционерско друштво за стопанисување со стамбен и деловен простор, МЕПСО, Агенциа за филм, Агенција за администрација, Агенција за енергетика, Национална агенција за европско образование, Биро за застапување во Европскиот суд за човекови права, Институт за фолклор и така натаму за жал остануваат и оваа година“, рече Зибери.

 

Што се однесува до половата и образовната застапеност, податоците од Извештајот покажуваат дека оваа година во јавниот сектор има 130.377 вработени, од кои 66.303 се мажи, додека 64.074 се жени.

Според Зибери, ваквиот приказ на состојбите значи мал напредок во остварување на половата еднаквост меѓу жените и мажите, што во проценти искажано е зголемување 0,61 отсто за разлика од 2021 година, кога жените биле застапени со 48,54 отсто.

Во однос на избраните функционери застапеноста на жените е 846 или 43,1 отсто, додека застапеноста на машкиот пол е 1.117 или 56,9 отсто. Соодносот меѓу жените и мажите кај раководните работни места во институциитe изнесува 4.551 или 48 отсто се жени, додека застапеноста на машкиот пол изнесува 4.931 или 52 отсто. И оваа година малку  е подобрен соодносот кај нераководните работни места, каде што застапеноста на женскиот пол изнесува 58.677 или 49,3 отсто, додека застапеноста на машкиот пол изнесува 60.255 односно 50,6 отсто. 

„И покрај оваа констатирана состојба, заклучокот е дека е помал бројот на вработени жени во однос на мажи, а нивниот број е помал и на раководни работни места. Единствено поголем е бројот на жените со високо образование во јавниот сектор во однос на мажите, но сепак мажите се побројни во однос на жените како избрани и именувани лица, но и на раководните работни места. Констатацијата дека имаме приближување на соодносот меѓу жени и мажи на врботувања во јавниот сектор во категоријата на нераководни работни места е знак на рамноправност и еднаков третман на двата пола при вработување на овие извршителски позиции“, рече Зибери. 

Затоа, потенцираше Зибери, Народниот правобранител ги повикува сите надлежни служби да обратат внимание на половиот аспект, особено на општествено одговорното буџетирање со акцент на родовото буџетирање, како и во насока на донесување на стратешки документи на ниво на секоја институција со кои ќе се подобри состојбата на полова застапеност во јавниот сектор

„Во оваа прилика, повторно ги повикувам сите надлежни субјекти да воспостават ситем на квалитетно спроведување и вработување, со јасни и прецизни правила, кои нема да дозволат злоупотреба при користење на балансерот за воспоставување на Годишните планови за вработување во јавниот сектор. Народниот правобранител и оваа година констатираше мал и не доволно голем исчекор во спроведувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, со што и годинава останува на сила општата препорака која ја упатуваме до сите надлежни институции задолжени да го следат степенот на нејзино успешно и соодветно спроведување во сферата на јавниот сектор, со што ќе воспоставиме општество еднакво за сите граѓани кои живеат во него, без да ја истакнуваме етничката припадност, со што би се приближиле на западните земји кои го негуваат духот на прогресивност, професионалност и квалитет“, рече Зибери. 

Прашан на кој начин институциите не ги почитуваат препораките на Народниот правобранител, Зибери рече дека тоа се случува при реализација на огласите за вработување.

„Согласно закон институциите се должни да ја исткнат половата и етничката припадност што се бара при вработувањата, но за жал, при реализација на огласите се отстапува од оваа обврска“, рече Зибери.

На новинарско прашање како ја коментира перцепцијата на граѓаните дека државата е премногу корумпирана, Зибери рече дека тоа може да ја поткопа стабилноста на општеството.

„Корупцијата е една од причините кои може да ги поткопа темелите на стабилноста и развојот на општеството. Затоа вниманието на сите странски фактори е насочено кон борбата против корупцијата во јавниот сектор. Загрижува перцепцијата дека граѓаните сметаат дека корупцијата најмногу ја има во извршната власт, меѓу министрите, пратениците, судиите“, рече Зибери. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ