недела, 23 февруари 2025

Живковски: Катастарот нуди 117 електронски услуги на граѓаните, со онлајн-апликација се има увид во статусот на барањата

На денешната трибина „Дигитализацијата станува реалност во Македонија“ дебатираше директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски кој во фокусот ги стави сите оние чекори кои се преземаат за дигитализација и модернизација на катастарските услуги, односно што сè е направено за да се дојде до побрзи и поефикасни услуги кои им се потребни на граѓаните, сè со цел институцијата да биде подостапна, а дигитализацијата да остане клучен приоритет во процесот.

Објавено на

часот

Сподели

Живковски најпрвин образложи што сè е направено за успешна дигитализација на услугите во катастарот, го истакна и електронскиот портал за услуги во кој се наоѓаат сите најбарани продукти од граѓаните и потенцираше дека на тој начин се забрзуваат процесите до добивање на побрза и поквалитетна услуга.

„Ние успеавме за краток период да направиме еден комплетно нов портал, којшто е наречен e-uslugi.katastar.gov.mk којшто го промовиравме некаде при крајот на минатата година и којшто е комплетно дигитализиран. Беа вклучени 107 услуги коишто можат граѓаните и правните лица да ги користат електронски, на почетокот на оваа година промовиравме и пуштивме дополнително уште 10 услуги, со тоа го зголемивме овој фонд и планирано ни е, дека до крајот на оваа година, да пуштиме дополнително уште 10 услуги. Сè она што влегува во опсегот на катастарот и на катастарското работење, можам да кажам дека сме целосно дигитализирани, сто отсто“, рече Живковски.

Директорот Живковски, стави акцент и на новата онлајн-апликација за увид во статусот на барањата, поднесени и заведени во електронскиот систем на Катастарот, со која се зголемуваат ефикасноста и брзината на следење на поднесените барања, а со тоа граѓаните остануваат главен приоритет во оваа нова етапа на дигитална трансформација.

„Сега имаме апликација којашто со задоцнување од најмногу еден час, ја има точната информација, што ние сметаме дека е најблиску до реално време. Практично, сите корисници во реално време можат да видат дали нивниот предмет е во статус на обработка, дали е вратен на дополнување, дали е одбиен, дали е завршен. И едноставно оваа алатка ги насочува луѓето кон тоа дали имаат потреба да дојдат до катастар, да подигнат некоја документација, дали ќе ја добијат електронски и дали можеби треба нешто да се коригира. И едноставно тука, исто така, влијае како и на бизнис-заедницата, меѓутоа и на граѓаните за да добиваат побрза и поефикасна услуга“, изјави Живковски.

Живковски се осврна и на превентивната кампања за пријавување на обид за корупција, со цел подигнување на јавната свест за спречување на корупција во Агенцијата за катастар на недвижности, во насока секој поединец во државата да преземе одговорност со што ќе се придонесе за изградба на ефикасна и транспарентна администрација. Притоа наведе дека граѓаните имаат можност секој обид за корупција да го пријават на електронска адреса или телефонски број.

„Кампањата ни е насловена „Не биди соучесник – пријави обид за корупција“. Ние сите мора да се залагаме граѓанинот или правното лице, фирмата којашто има потреба, да плати само за административната такса спрема одредена институција – ништо повеќе, ништо помалку. Оваа кампања којашто ја започнавме е меѓу првите активности од кога ја преземав функцијата директор и има за цел – пред сè да влијае превентивно и да ги мотивира луѓето коишто имаат потреба од користење на услугите на катастар, доколку наидат на ваква појава некој да им побара нешто што не е во рамките на законот, односно да побара да дадат мито, веднаш тоа да биде  пријавено со цел, во соработка со сите институции да биде санкционирано соодветно“, вели Живковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ