сабота, 19 октомври 2024

Живеат под Шар Планина, а немаат дрва за греење, протест на мештаните од потшарпланинските села

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк отвори низа проблеми во секојдневието, се жалат жителите од потшарпланинските села кои сметаат дека јавната установа погрешно води некои постапки. Сметаат дека границите на националниот парк во селата од подрачјето познато како Подгор, односно од Лешок па сѐ до Јажинце е премногу блиску до населените места и затоа е отежнато движењето и работата на приватни имоти. Тие денес одржаа јавен собир со цел да упатат порака за проблемите со кои се соочуваат.

Објавено на

часот

Сподели

На прагот на зимата, за нив најголем проблем е што немаат можност, како порано, со дозвола од шумските стопанства да наберат дрва за греење. Некои од нив велат дека ниту за приватни шуми не добиле одобрение од Националниот парк (НП) да сечат огревно дрво, пишува МИА.

„Јас поднесов молба веќе три месеци, ми бараа, имотен лист, сѐ однесов сум однел. Ниту одговор имам, ниту ми рекле дека ќе дојдат да видат на самото место. Тоа многу ја отежнува процедурата и никако не можеме да се договориме со нив“, изјави Фадиљ Сабрии од Пршовце.

„Двапати сум поднел барање за селска сеча и два пати ме одбиле. Пред да биде националниот парк ни ветуваа дека за населените места, сеча ќе се дава. Три години нѐ лажат. И сега не даваат. Не може да купиме дрва 90 евра кубик дрва, а 300 евра плата. Или пензионери земаат 12 илјади пензија па да земе дрва, која е логиката. Дали лекови да купи или да купи дрва“, изјави Илија Јанчески од Старо село.

Границата на Национален парк според овие жителите треба да биде 1.500 метри надморска височина, а не како сега на 700 или 800 затоа што и самите села се на таа висина.

„Со прогласување на НП е направена голема грешка на штета на населението, бидејќи границите се спуштени многу ниско до самите куќи во селата. Јас би препорачал Владата и Собранието да направат измени во законот и да се поместат границите од приватните имоти. Не се работи само за сечење на дрва, туку и за собирање на костени и други плодови, за туризам, за пешачење, за рекреација. Месните заедници имаат комуницирано со националниот парк, меѓутоа нема позитивен одговор, затоа што националниот парк не е екипиран уште. Не е уште регулирано нивното право на стопанисување со шумите“, изјави Љубомир Атанасовски од Вратница.

Роберт Златевски од истото село пак, има невообичаен проблем поради, како што вели, работење од канцеларија наместо на терен од страна на Националниот парк.

„Моето место половина е во склоп на Националниот парк, а половина е во шумско стопанство. Не може да се дели на две, или таму или ваму. Треба добро да се одбележи. Така е затоа што границите на националниот парк се цртани во Скопје на компјутер“, изјави Златевски, додавајќи дека треба да се работи на расчистување на дивите депонии.

Претставниците од Јажинце побараа да се најде начин на дејствување, паркот да не се коси со приватниот имот.

„Ние не сме против националниот парк, но не да не можеме да се движиме во нашиот приватен имот. Имаме ниви, ливади, шуми, дел од националниот парк но ние сме блокирани и не можеме ни да пасеме, ни да косиме, ни да ораме, ни да береме, дрва, костени. Треба одобрение да се зема, дали ќе дозволат или не. Ние бараме НП да биде, но да биде во граница и на височина каде не пречи на приватниот имот. Да биде погоре, ние слободно се движеме на тој терен и тие парцели што ги имаме по шуми.  Ако тие ги блокираат тие парцели нека ги платат, нека ги купи и да знаеме дека немаме веќе право на тоа и ние ќе се откажеме“, рече Баки Муареми од Јажинце.

Ваквото делување на Националниот парк, според мештаните има и негативно економско влијание.

„Овој крај ако се гледа како едно тело, ние сме слепо црево. Горе планина, долу рудина, економски сме нула. Југохром не работи, а беше главен двигател во сите сфери на животот. Младите ни бегаат. Повисоко да бидат границите да ни се овозможи сеча, да береме дрва за да опстанеме. Ако не, нека ни донесат парно греење, треба ние да опстанеме овде, смета Живко Димитриевски од Рогачево.

„За Белојшки атар, 65 проценти од Национален парк е во приватен имот. Тоа е од оставено од нашите чукундедовци. Сакаме да се помери границата, имаме горе над црквата Богородица, туристичко место, сакаат луѓето да градат и така да егзистираат. Има луѓе што не можат да платат да купат дрва. Има луѓе со ниски пензии и социјална помош, како ќе купат дрва, по 5-6 илјади денари кубик дрво. Сосила ги тераат младите луѓе да заминат. Дојден сум од Косово. Таму Националниот парк Шар Планина во Косово е во државна шума. Не е во приватна шума. Ние сега не смееме да направиме едно веце во свое место, за сѐ треба дозвола, истакна Љубиша Младеновиќ, жител на Беловиште.

Димитар Костадиноски, градоначалник на Општина Јегуновце во чиј склоп се дел од овие села, рече дека ги поддржува мештаните. Тој смета дека при донесувањето на национален парк не биле прашани граѓаните, општината и засегнатите страни.

„Законот беше донесен во канцеларии, без притоа да се земе предвид приватниот имот, надморската височина од каде почнува националниот парк и затоа дојде до оваа ситуација. Апелираме, надлежните да го решат проблемот. Месните заедници досега бараа да се берат дрва во државен имот, како што било со генерации, НП одговори негативно. По консултациите и средбите тие искажаа дека не можат да дозволат да се бере во државна сопственост. Поради економската криза дојде до оваа работа, населението под Шара, што живее под планина, а да купува дрва. Тоа е срамно и небулозно, никој не сака од нив да злоупотреби, со векови ја чувале шумата. Ќе ги поддржам сите протести кои се во интерес на сите на наши граѓани“, истакна Димитар Костадиноски.

Од јавната установа Национален парк Шар Планина посочуваат дека приватниот имот не е загрозен по ниеден основ и дека сега, наместо шумските стопанства, тие како институција даваат одобренија. Сметаат дека прават максимални напори да излезат во пресрет на населението и да видат придобивки од тоа.

„Никој кој со комплетна документација, поднел барање за сеча во сопствен имот, не чекал дозвола повеќе од две недели. Намалени се цените, условите им се максимално овозможени за тие што имаат имот во паркот, во сопствена шума. Во државна шума не можеме да дадеме одобрување за сеча, затоа што сè уште немаме Планови за управување со шуми. Ќе се изработуваат следната година и тоа е долга процедура со чешлање на теренот, во насока на заштита на природата“, соопштија од Национален парк Шар Планина.

Од таму посочуваат дека границите на паркот се веќе дефинирани со самото прогласување за заштитено шумско подрачје. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ